МИХАЛ ВИВЕГ
Чешка
Михал Вивег (1962) е еден од најпопуларните и најпродавани современи чешки писатели. Дипломирал чешки јазик и педагогија. Како романсиер, драматург, сценарист и автор на раскази и на колумни пишува со многу хумор и оригинална иронија постигнувајќи длабоки значења. Од крајот на 1990-тите секоја пролет објавува по една книга. Преведен е на 25 јазици. Добитник е на наградите за литература „Јиржи Ортен“ и „Магнезија литера“. Неговите книги се распродадени во милион примероци само во Чешка.
Воспитувањето девојки во Чешка
Превод: Маргарета Карајанова
Младиот учител Оскар е во лоша финансиска состојба, па ја прифаќа понудата од милионерот Карл да дава приватни часови за неговата ќерка. Беата е убава и внимателна девојка, која се соочува со тешкотии со целиот свет, како и со самата себеси. Животот на учителот се претвора во лудило и безумие, ураган на страст и беспрекорни затајувања меѓу љубовницата, сопругата и деветгодишната ќерка.
Овој роман може да се чита на најмалку четири начина: како сугестивна приказна за животната трагедија на една дваесетгодишна девојка; како духовита сатира на тогашниот систем на образование во Чешка; како „книга за пишувањето книги“; и конечно и како иронична љубовна приказна. Еден од најуспешните романи од 1990-тите години, кој е преведен на многу јазици, филмуван и распродаден во над 110 000 примероци.
Други преводи од Вивег на македонски: „Раскази за бракот и сексот“ (превод: Донка Роус и Јасминка Делова-Силјанова, „Табернакул“, 2000), „Тројца за никаде“, заедно со Халина Павловска и Ива Херцигова (превод: Донка Роус, „Македонска реч“, 2008).