МАРТА ДИМИТРОВ
Македонија

Марта Димитров е родена на 17 февруари 1991 година во Кавадарци. Основното и средното образование ги завршува во родниот град, дипломира преведување по англиски и германски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а е запишана на магистерски студии по меѓународен бизнис со странски јазици на Универзитетот ФОН. Пишувањето ѝ е страст од рана возраст, а реализирањето на нејзините прозни и поетски дела во печатена форма е остварување на нејзиниот сон. Добитник е на повеќе дипломи и благодарници за своите поетски остварувања. По дипломирањето интензивно пишува поезија на англиски јазик, која ја објавува на својот блог, а паралелно го пишува романот „Разголена душа“, кој го издава во 2018 година. Истата година, откако нејзината поезија е одлично примена од јавноста на друштвените мрежи, ја издава и стихозбирката „Мојот храм е внатре во мене“.

 

 

Шардоне и шпагети карбонара

„Шардоне и шпагети карбонара“ е навидум љубовен роман, во кој се вплеткуваат приказните за Миа и Милан како пријатели и за Ксенија како девојка на Милан. Освен случувањата околу овие две релации – пријателската меѓу Милан и Миа, и љубовната меѓу Ксенија и Милан, низ романот се отсликува и хобито на главната хероина како млада писателка.

Вагајќи низа свои постапки, ликовите констатираат дека зрелоста нема врска со годините, туку со себенадминувањето во обидот да се спречат егото и ароганцијата.

Но истовремено ова е роман и за истрајноста во борбата со себе и своите демони, бидејќи, кога кршиме мразови, не треба никој да нè држи за рака затоа што се потребни двете раце и сета сила.

Марта Димитров одлично психолошки ги портертира ликовите доловувајќи ги нивните најдлабоки дилеми и стравови. Умешно проникнува во срцевината на нивните проблеми и раскажува една убава и топла приказна за љубовта, пријателството, лојалноста.

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment