Мајнхард Раухенштајнер
Мајнхард Раухенштајнер, роден во 1970 година во Виена, студирал филозофија, теологија, филмска уметност и политички науки на Универзитетот во Виена, Академијата за ликовна уметност и Универзитетот за применета уметност. Пишувал за „Франкфуртер Хефте“, „Морген“ и за „Лихтунген“. Публикувал во дневни весници и во периодични списанија. Седум години предавал на Универзитетот за применета уметност во Виена, на отсекот за фотографија. Повеќе од дваесет и пет години работи во Претседателскиот кабинет, а во моментов е раководител на Одделот за наука, уметност и култура на претседателот на Австрија. Досега објавил пет збирки раскази и кратка проза, меѓу кои „Мал абецедар на државната посета“ (2011, ново дополнето издание 2020 година), „Двонасочен сообраќај“ (2021), „Разни смртни случаи“ (2023) и „Кога сум сам, третиот ми пречи“ (двојазично издание на германски и на македонски, 2024). Од филмската продукција, познат е по кратките филмови Есен (UA Diagonale 2016), Папа Рома (UA Diagonale 2020) и Антифашистичка зоолошка градина (UA Diagonale 2022).
Кога сум сам, третиот ми пречи / Wenn ich alleine bin, stört jeder dritte nur
Самостојно издание, Скопје, 2024
Превод од германски: Марија Гиревска
„Книгата претставува избор од најновите, досега необјавени, раскази на Раушхенштајнер и кратка проза и афоризми објавени на германски јазик во Австрија. Целиот концепт за книгата е осмислен во соработка на преведувачот со авторот. Ова е прв превод на македонски јазик на расказите на овој современ австриски писател. Кратката проза е жанрот во кој најмногу доаѓа до израз неговата луцидност, проникливост, иронија, а често и сарказам и хумор. Тие што подобро го познаваат Раухенштајнер знаат дека книгите се негова страст и опсесија, како читањето, така и купувањето. Во неговата канцеларија во Хофбург, веднаш над претседателскиот кабинет, зад стаклените врати на темнокафеавиот дрвен регал, стар двесте години, се крие една од најбогатите збирки на преводите на Џојсовиот Улис. Тука некаде на средишната полица стојат исправени и трите изданија на македонскиот Улис. Како љубител на современата австриска уметност и на богатата ризница од виенски композитори, на неговите полици може да се најдат и „свети книги“, кои се наоѓаат издвоено, на посебно место во неговата домашна библиотека. Не мора да влеземе во неговиот дом, може само да ги прочитаме неговите раскази. Кафка, Хандке, Хајдегер, Рот, Гете, Џојс, Булгаков, Музил, Додерер… се само дел од она што е задолжителна лектира на Раухенштајнер. Раухенштајнер, кој припаѓа на долгата австриска книжевна традиција, овде пишува со еден сосема нов глас, полн со волшепствата на очудувањето и изненадувањето.“
Маја Катарова