ХРВАТСКА
Кристијан Новак (1979) е хрватски писател, лингвист и универзитетски професор. Член е на Друштвото на писателите во Хрватска и на Хрватското друштво за применета лингвистика. Досега има објавено четири романи.
Роден е во Германија како дете на хрватски работници, а детството го поминува на северот од Хрватска. Студирал германистика на факултетот во Загреб, но покрај студиите, од 1996 до 2009, бил и член на хрватскиот национален карате тим со кого има освоено голем број индвидуални и тимски награди на национални и меѓународни натпревари, меѓу кои и европски вицешампион во карате за 2006 година.
Во 2005 го издава својот дебитантски роман „Обесени“. Неговиот втор роман „Црна мајка земја“ (2013) ја добил наградатa „Тпортал“ за најдобар хрватски роман на годината и бил прогласен за еден од најдобрите романи во хрватската литература во последните педесет години. Покрај литературниот успех, романите на Новак се прославиле и на театарската сцена. „Црна мајка земја“ бил адаптиран и во претстава за Младинскиот театар во Загреб доживувајќи огромен успех. Неговиот роман „Циганин, ама најубавиот“ исто така е поставен на театарските сцени, но овој пат во Хрватскиот народен театар. За ова дело му била доделена наградата „Ѓалски“ – престижно признание кое се доделува за најдобро прозно дело во Хрватска. Покрај успехот во театарот, за истото дело се подговува и сценарио по кое ќе се снима телевизиска серија.
По излегувањето на романот „Случај на самоуништување“ направена е и претстава во копродукција помеѓу Хрватскиот народен театар од Вараждин и Хрватскиот народен театар „Иван Зајц“ од Ријека. Неговите дела имаат доживеано низа странски изданија.
Живее во Загреб со својата сопруга и трите деца.
„Се чини дека дијалектот за мене е сврзан со срцето и емоциите, додека стандардниот јазик го поврзувам со мозокот и со рационалното. Јас не верувам дека секоја книга е за секоја возраст… Мораме да имаме критички читател, а не читател кој ќе го заштитиме од сите немили сцени.“
Црна мајка земја
Превод од хрватски: Сашо Огненовски
„ПНВ публикации“, Скопје, 2021
Моќна и, на моменти, мачна приказна за младиот и успешен писател Матија, кој се обидува да ја надмине креативната, но и љубовната блокада, процес што ќе го одведе до болните и потиснати трауми од детството. Животот исполнет со лаги и со лажни сеќавања наеднаш доживува пресврт, па Матија ќе мора да се соочи со духовите од минатото.
Циганин, ама најубавиот
Превод од хрватски: Владимир Јанковски
„Готен“, Скопје, 2021
Еден од најнаградуваните хрватски романи во последните години. Жанровски тежок за одредување, затоа што истовремено може да се чита како криминалистички роман, љубовна приказна, општествена критика, филозофски роман за тоа колку нештата навистина се такви какви што изгледаат. Протагонистите сочинуваат интригантна галерија од ликови кои ги препознаваме од нашите стравови во секојдневието. Мајсторски начин како да се вткае сето тоа во приказна.