Јоланда Кастањо
Галиција
Јоланда Кастањо (Сантјаго де Компостела, ГАЛИЦИЈА – Шпанија, 1977 година) веќе дваесет и пет години објавува поезија изворно на галициски, која потоа ја преведува на шпански јазик. Досега шест од нејзините збирки поезија освоиле награди, меѓу кои: „Наградата на шпанската критика“, „Espiral Mayor“, „Ojo Crítico“ (за најдобра збирка објавена од автор помлад од 35 години во Шпанија), „Novacaixagalicia“, признанието „Автор на годината“ за 2014 година од галициските книжарници, признанието Финалист за „Националната награда за поезија“. Нејзините последни наслови, објавени од „Висор либрос“ во двојазична верзија, се Книгата на егоистката (2006), Длабочина на поле (2009) – која била избрана од неделникот „Ел култулар“ како една од петте најдобри збирки издадени таа година во Шпанија – и Вториот јазик (2014), која остана на прагот на „Националната награда за поезија“. Основач и директор е на својата Резиденција за писатели/писателки во Галиција, како и на цела една програма за стипендии за поетски престој во странство. Исто така, таа е активен културен менаџер и од 2009 година води разни стабилни проекти, секогаш со галициски и меѓународни поети: годишна работилница за превод на поезија, меѓународен фестивал за поезија и месечни поетски читања (награда од галициската критика за најдобра културна иницијатива во 2014 година). Покрај тоа што работи како филолог и снима видеозаписи, нуди книжевни работилници, рецитали, конференции, видеопоезија и други изведби на своето творештво во цела Европа и Америка, како и во Тунис, Мароко, Зелен ’Рт, Индија, Кина и Јапонија. Со години работела во телевизија (награда „Мајстор Матео“ за најдобар телевизиски комуникатор за 2005 година) и објавувала колумни во разни галициски списанија. Нејзино то творештво делумно е преведено на повеќе од дваесет и пет различни јазици, а објавила поетски памфлети на шпански, германски, француски, кинески, хрватски и македонски јазик. Исто така, објавила дела и како уредник, копреведувач на современи автори (меѓу кои и Никола Маџиров и Марко Погачар на шпански јазик), аудиозапис на книга на италијански јазик, стихозбирки на француски, англиски и српски јазик, лична антологија како поетски стрип и шест книги поезија за деца. Развива разни искуства што ја спојуваат поезијата со другите креативни јазици (музика, визуелни и аудиовизуелни уметности, танц, стрипови, архитектура… сè до готварство), активност за која била наградена и која ја реализира насамо или во соработка со други уметници. Добитник е на меѓународни стипендии за поетски престој во Родос (Грција), Минхен, Пекинг и Единбург.
Состојба на разговор
Превод: Никола Ѓелинчески
„Поетиката на патувањето кај Јоланда Кастањо не е поврзана само со долги патувања со различни превозни средства (од кола до брод и авион); таа е неизбежно поврзана со интеркултурните средби и дијалози, со соочувањето со другоста, со постојаните себеиспитувања, како и со односот со јазикот. Пишувани на галициски јазик, потоа преведувани т.е. пресоздавани на шпански од самата авторка, песните на Кастањо неретко го тематизираат човечкото искуство со јазикот, а особено се занимаваат со одликите на поетскиот јазик. Без голем ризик би можело да се каже дека поезијата на Јоланда Кастањо во голема мера е и метапоезија и поезија што има силен полифоничен капацитет.“