Ирена Јурчева е родена во 1982 година во Белград. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за преведување и толкување. Во 2017 година ја одбранила својата магистерска теза на тема „Културолошко преведување на Силмарилион од Џ. Р. Р. Толкин како предизвик за преведувачот“. Досега има објавено две поетски книги, „Таинства“ (2017, „Метаноја“) и „Огнот наш нестишен“ (2022, „Современост“) и две збирки раскази, „Разнишан свет“ (2021, „Темплум“) и „Белата е најстрашната боја“ (2019, „Темплум“) за која ја добила наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ Гостувала на повеќе поетски фестивали, читања и слем натпревари. Нејзина поезија е објавена во неколку книжевни списанија. Организирала повеќе работилници за креативно пишување. Работела како наставник по англиски и француски јазик во повеќе училишта и јазични центри во Скопје. Превела повеќе од петнаесет книги за три издавачки куќи во Македонија. Активно преведува литературa од англиски јазик.