ИЛЈА ЛЕОНАРД ФАЈФЕР
Холандија
Илја Леонард Фајфер (1968) е холандски писател. Пишува поезија, драми, есеи, колумни, репортажи, раскази, политичка сатира и романи во стилот на Рабле. Половина од критичарите го сметаат за гениј, а другата половина за ретро стилист. Неговата последнообјавена поетска збирка е првата книга поезија што некогаш ги освоила трите најголеми поетски награди во Холандија. Од 2008 година живее во Џенова, Италија.
La Superba
Превод: Елизабета Божиноска
Оваа книга е дело на еден од најважните современи европски писатели, кој решава да му напише љубовно писмо не на градот во кој е роден туку на италијанскиот град во кој живее. Џенова е наречен La Superba поради својата убавина и богата историја. Главниот херој, во кој препознаваме црти на самиот автор, ја истражува дивата страна на овој мистериозен и егзотичен град, полн со лавиринти и магија. Оваа книга е како џебно издание на Пеколот на Данте, напишана од автор кој ужива да оди во крајности, вистински мајстор на јазикот и на раскажувањето.
Романот La Superba е громогласно фален со самото објавување во 2013 година, кога ги добил наградите Либрис, најпрестижната литературна награда во Холандија, и Цум, наградата „за најубава реченица напишана на холандски јазик“.