Хрватска
Игор Штикс
Игор Штикс е роден во Сараево, во 1977 година. Живеел во Загреб, Париз, Чикаго, Единбург и во Белград. Докторирал на Institut d’Études Politiques de Paris и на Northwestern University, а подоцна работел и предавал во Универзитетот во Единбург, на универзитетите во Грац, Љубљана, Сараево, како и на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград. Заедно со Џо Шоу ги уредиле збирките „Citizenship after Yugoslavia“ (2013) и „Citizenship Rights“ (2013), а со Среќко Хорват, „Welcome to the Desert of Post-Socialism: Radical Politics after Yugoslavia“ (2015). Со Владимир Арсенијевиќ ја уредува едицијата „Заедничка читална“. Во Југословенското драмско позориште, претставата „Столот на Елијах“, во режија на Борис Лијешевиќ, освоила Гран при на БИТЕФ во 2011 година. Со својата прва драма „Брашно во вените“ (2016), освои неколку регионални награди за најдобар текст, додека неговата драма „Зрењанин“ е изведена премиерно во Народниот театар во Зрењанин.
Пишува проза, книжевна критика и есеи, за кои ги има добиено највисоките признанија. Неговите дела се преведени на 15 јазици. За своите книжевни и интелектуални достигнувања доделено му е престижното француско одликување „Витез на уметноста и книжевноста“. Во 2017 година Штикс ја потпишал петицијата за заеднички јазик меѓу Хрватите, Србите, Босанците и Црногорците.
W
Превод од хрватски: Ѓорѓи Крстевски
Игор Штикс е левичарски интелектуалец кој по повеќе од дваесет и пет години се враќа на Јадранот за читањето на тестаментот на Валтер Штиклер, конзервативен француски филозоф кој под неразјаснети околности е убиен во Далмација. Таму ја среќава згодната активистка Теса Симон. Двајцата се запознаваат еден со друг во куќата на Валтер, но ги запознаваат и мистериозната историја за Валтер, кој од левичар од 1968 година станал водечки десничарски мислител, како и неговиот пријател Владимир, највлијателниот лев милитант, зад чиј терористички ракопис секогаш се крие доза иронија и кој продолжува да ги инспирира сите млади бунтовници на денешнината.
Приказната за Валтер и Владимир се отвора пред Игор и Теса како напнат политички трилер на современата историја на Европа кој нѐ води во сите делови на континентот. За да ги осознаат сите поединости и за да ги откријат тајните, тие двајцата мора да отидат во родниот град на Игор и Валтер, Сараево.
Најновиот роман на Игор Штикс е книга што буквално не се испушта од раце. Напишана во манирот на најдобрите скандинавски трилери, преполн интриги и пресврти, „W“ ни дава пресек на последниот половина век на европската и светска левица, на нејзините борба, падови и застранувања. Овој роман кој во атмосферата потсетува на Пол Остер или Хавиер Серкас никого нема да остави рамнодушен.
СЕЧИЛИШТЕ
Превод од хрватски: Јелена Лужина
По дваесет и пет години, семејството конечно се собира во малото балканско гратче во кое некогаш владеела среќа и напредок, сѐ додека над нив не се надвила сенката на војната. Сега ненадејно се вратиле: најстариот син Владимир, истакнат професор по економија, снаата Хелена и внукот Давид. Бабата Надија и дедото Клемент одвај дочекале да ги видат. На семејната вечера се појавува и синот Игор, воен репортер, кој се обвинува себеси за семејната трагедија.
Од аперитивот до дижестивот, Игор Штикс нѐ води низ напната и интересна семејна историја која секако дека е обременета со политиката на XX и XXI век. Во неа важна улога игра и прадедото Оскар, кој како млад австроунгарски војник учествувал во Октомвриската револуција, а на крајот завршил во логор во текот на Втората светска војна. Ноќ во која се откриваат долгопотиснатите тајни, во која се заменуваат судири и одмазди, во која станува очигледно дека минатото не може да се врати, но дека може од неговите стеги да се извлече со човечност и со непосредност. Ноќта завршува како и секоја друга, со изгрејсонце, но дали е тоа нов почеток или само уште едно ново разминување?
„Сечилиште“ на Игор Штикс ги допира сите оние резови и рани кои војната ги остава кај луѓето а и тие меѓу себе, се занимава со емоциите и неможноста минатото и личностите од нашиот живот да се отсечат со ножици.
Други книги на македонски јазик:
Столот на Елијах, „Или-или“, Скопје, 2007.