ЕВГЕНИЈ ВОДОЛАЗКИН
Русија

Евгениj Водолазкин е руски писател роден во 1964 година во Киев, Украина. Од 1990 година работи во Одделот за староруска литература, каде што е водечки научен соработник. Автор е на повеќе од сто трудови поврзани со древната и со новата руска литература. Предава на универзитети во Минхен и во Санкт Петербург. Неговиот роман „Лавр“ ги освојува наградите „Големата книга“ и „Јасна Полјана“ во 2013 година. Преведен е на повеќе од 15 јазици. Историјата е негова првична инспирација, без оглед дали турбулентните времиња на Октомвриската револуција или наследството на византиската култура.

 

 

 

 

Авијатичарот 
Превод: Ѓорѓи Крстевски

„Авијатичарот“ почнува со мистерија. Инокентиј Петрович Платонов се буди во болница во 1999 година, без сеќавање за тоа кој е или како се нашол таму. Иако изгледа како да е триесетгодишен, постепено сфаќаме дека е постар од еден век! Вистински Робинсон Крусо, фрлен на брегот на еден чуден модерен свет што не го разбира и од кој де факто е изолиран. Како точно пристигнал во постсоветската ера, очигледно транспортиран директно од 1920-тите?

Места и моменти во времето од руската култура, вклучувајќи го и револуционерниот и постреволуционерниот Петроград. Единствената, временски фрактурирана биографија на Платонов му дава широка перспектива на рускиот живот: исто како што еден авијатичар би можел да испита широк простор озгора, неговите спомени датираат од раниот советски период до крајот на дваесеттиот век.

„Авијатичарот“ е дело на сеќавање и заборавање. За заедничкото плетење и разбирање на еден век во руската историја. Романот запрашува: Која е поврзаноста меѓу индивидуалната и колективната меморија? Што е поважно во нашето разбирање на минатото: големите историски настани или малите детали од секојдневниот живот, како што се звуците и мирисите?

 

Лавр
Превод: Павел Попов

„Лавр“ ни го претставува Арсениј, роден во 1440 година, одгледан од дедо му, билкар, кој живее во близина на Кирило-Белоезерскиот манастир, на петстотини километри северно од Москва. Станува познат исцелител и пророк што „соборил демони со камења и разговарал со ангели“. Народот ја почитува неговата смирена духовност. Водолазкин е насочен директно во срцето на руското религиозно искуство, интимно, но претпазливо и окултно. Поглед на средновековно христијанство чии клучеви се молитвата и верата. Во целост без иронија – напор да се ископа значењето од далечното минато на Русија.

„Верата кај Водолазинкин не е ниту екстатична, како што се многу облици на западното христијанство, ниту е хиерархиска, како источното христијанство, ниту е научна, како јудаизмот, туку е едноставна потрага по внатрешниот мир!“ – „Њујоркер“

Арсениј, распнат по смртта на својата сопруга, патува во градот Псков, тогашна Литванија. Тој поминува децении без да изусти збор, повеќето од неговите молитви во молк не се со Бога, туку со духот на Устина.

 

Соловјов и Ларионов
Превод: Павел Попов

Соловјов е млад историчар што доаѓа во Санкт Петербург да ја истражува личноста на генералот на Белата армија, Ларионов, кој ги водел трупите против болшевичката револуција. Потоа патува на Крим за да ги бара исчезнатите страници од дневникот на генералот. Потрагата по вистината на Ларионов е движечка сила на книгата во која се прикажани настаните од животот на Соловјов. Таму ја запознава шармантната Зоја, која работи во Музејот на Чехов на Јалта.

Несомнено имаме нов книжевен жанр – историски детективски роман. Овој историски запис станува флуиден како и секоја друга животна приказна што била усно пренесувана. Ларионов е легенда. Честопати е присутен комичен тон што го спречува да биде само филозофски билдунгсроман.

Описот на академскиот свет во кој се наоѓа Соловјов е познат секому што поминал низ тие ходници. Водолазкин успева да ја пренесе комичноста на академијата без да ја претвори сатирата во фарса. Претставената ограниченост на научните стремежи е спротивставена на сериозната намера на емоционалното и интелектуално истражување на Соловјов. Приказ на процесите на размислување, кои брилијантно преминуваат во историска студија.

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment