Ермис Лафазановски
Ермис Лафазановски (1961) e современ македонски раскажувач, романописец, историчар и теоретичар на литературата, фолклорист и преведувач.
Има објавено повеќе трудови од областа на фолклористиката, книжевноста и културната антропологија. Исто така, дал значаен придонес во современата македонска проза. Поради иновативниот пристап во раскажувањето, добитник е на неколку книжевни признанија, како што се: наградата „Стале Попов“на ДПМ и наградата „Прозни мајстори“, која ја доделува фондацијата „Македонија презент“. Неговиот книжевен опус се состои од повеќе романи, збирки раскази и научни студии. Активно се занимава и со превод на современата романска проза на македонски јазик. Досега превел дваесетина романи од познати романски автори. Член е на ДПМ и на македонскиот ПЕН-центар.
Храпешко НОВО
„Антолог“, Скопје, 2025
Во зафрлено место покрај Вардар живее Храпешко – градинар и лозар со легендарна вештина: со едно движење на ножиците може да ви ја скрати брадата, а да не почувствувате ништо.
Зрак светлина во црквата ќе му ја отвори вратата кон светот на боите, стаклото и уметноста – свет кој никогаш дотогаш не го почувствувал. Неговата фасцинација ќе го одведе до тајната работилница на мајсторот стаклар, каде што огнот и човечките раце создаваат чуда. Но додека тој открива нови убавини, луѓето околу него го гледаат со недоверба и осуда.
Романот „Храпешко“ е најпреведуваниот роман на Ермис Лафазановски, досега присутен на словенечки, хрватски, српски, бугарски, албански, полски, руски и на арапски јазик!
Опишувач НОВО
„Антолог“, Скопје, 2025
НАГРАДА „СТАЛЕ ПОПОВ“, 2001
Еден човек, кој себеси се нарекува „Опишувач“, живее скромно и без амбиции – но со страст да опишува сè: од природни пејзажи и ѕидни графити, до љубовни мигови и туѓи судбини.
Неговата мисија е да го запише светот како што го гледа, да го зграпчи мигот пред да исчезне, да го претвори во зборови она што сликите не можат да го кажат. Со иронија и суптилна меланхолија, приказната нè води низ исповедта на еден лик кој ја бара вистината – а таа, како светлината во водата, постојано се измолкнува.
„Опишувач“е добитник на наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра прозна книга за 2001 година.