Елисавета Поповска е редовен професор по француска книжевност и франкофонски книжевности и култури на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Докторира на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ на тема од областа на француската книжевност и се стекнува со звањето доктор по филолошки науки. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ работи од 1994 година. Во својство на поканет професор изведува настава на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола (2006 – 2009) и на Департманот за француски јазик и литература при Филозофскиот факултет во Ниш, Србија (2015 – 2017). Автор е на значаен број научни и стручни трудови објавувани во земјата и во странство, во значајни меѓународни списанија во Соединетите Американски Држави, Франција, Белгија, Романија, Србија. Преведува од француски на македонски јазик статии и дела од областа на хуманистичките науки, како и уметничка литература – препеви на поезија и преводи на романи. Двапати ја добива наградата „Божидар Настев“ за најдобар превод на годината.