Екатерина Бабамова е родена во Скопје на 24.11.1948 година. По завршувањето на основното и средното образование, дипломира на Катедрата за англиски јазик и книжевност со руски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. По дипломирањето се вработува како професор по англиски јазик во О.У. „11 Октомври“, каде ја реализира експерименталната настава од прво до осмо одделение со примена на директната метода. Врвните резултати од експерименталната настава ѝ овозможуваат да биде избрана во звањето Самостоен педагошки советник за настава по странски јазици при тогашниот Завод за унапредување на образованието. Во 1980 и 1981 година, како добитник на Фулбрајтовата стипендија, престојува на Универзитетот Јужен Илиноис во САД каде се стекнува со степенот Магистер од областа на применетата лингвистика. По нострификацијата на магистерската диплома се вработува како асистент на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. По одбраната на докторската дисертација (1993 г.) била избрана за доцент, потоа за вонреден професор и следователно за редовен професор на таа Катедра. Била активна и на полето на преводот: симултан, консекутивен, стручен и книжевен. Во текот на неколкудецениското искуство на полето на книжевниот превод, најтесна соработувала со Греам и Маргарет (Пеги) Рид, со кои изработила и неколку заеднички труда.