Блаже Миневски

 

Блаже Миневски (1961) е прозаист и драмски автор. Автор е на десет романи. За романот „Нишан“ ги доби наградите „Стале Попов“ и „Роман на годината“, и наградата на Град Скопје – „13-ти Ноември“, а за романот „Свирци“ – наградата „Прозни мајстори“ на фондацијата Македонија презент.

Миневски ја има добиено и наградата „Најчитан автор“, признание што го доделува Националната библиотека „Свети Климент Охридски“ од Скопје.

За романот „Ако се родат некакви чувства“, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, Миневски ги доби наградите „Стале Попов“ и „Рациново признание“ по вторпат.

Освен досега објавените романи, Миневски има публикувано и неколку книги раскази, меѓу кои се „Пристапната беседа на академик Сисое“, „Во рогот на волот“ и „Сезона на глуварките“ за која го доби престижното „Рациново признание“.

Неговите драмски текстови со години беа на репертоарите на македонските професионални театри, но се играа и како премиери на Охридско и на Скопско лето, а за пиесата „Немушт јазик“ ја доби наградата на МНТ за најдобар драмски текст во 2001 година.

Романите „Јас, Тито и Мики Маус“, „Нишан“ и „Мрежата на мамли“ се преведени и објавени на српски јазик во Белград, а романите „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“ и „Мемоарите на една млечка“ се преведени и објавени на бугарски јазик.

Романот „Нишан“ е преведен и објавен на англиски, италијански, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески и на полски јазик.

Блаже Миневски е застапен во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните триесетина година во Македонија и надвор од неа, а за неговите раскази, преведени на повеќе од дваесет јазици во светот, е многукратен добитник на наградите „Студентски збор“, „Нова Македонија“, и „Живко Чинго“.

 

 

 

Опаш во устата 

„Антолог“, Скопје, 2025

НАГРАДА „BOOKSTAR“, 2025

 

„Расказите на Миневски, како своевиден дестилат на вековната усна македонска народна раскажувачка традиција, минуваат низ специфичен хумор, но и низ горчината на животот. […] Во прозата на Миневски ништо не е како во стварноста, иако сè е преземено од неа.“

Оливера Ќорвезироска

 

 

 

 

 

 

Нишан 

„Антолог“, Скопје, 2025

НАГРАДА РОМАН НА ГОДИНАТА „УТРИНСКИ ВЕСНИК“, 2008

НАГРАДА „СТАЛЕ ПОПОВ“, 2008

НАГРАДА „13. НОЕМВРИ“, 2009

 

На двата брега на една река двајца млади снајперисти – маж и жена, христијанин и муслиманка, се демнат еден со друг, но и се засакуваат. Нивната љубов е и необична и неверојатна, зашто се случува преку оптичките нишани на нивните оружја и трае колку што трае истрелот на куршумите, од едниот брег на реката кон другиот.

Моќен и возбудлив роман за животот и смртта, за војната и мирот, за љубовта и омразата, за уметноста и смислата на постоењето.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment