БАЛСОР ХОЏА
Косово
Балсор Хоџа е роден на 20 јули 1975 во Приштина, Косово. По професија е професор по англиска и американска книжевност. Повеќе од дваесет години работел во областа на хуманистичкиот и меѓународниот развој, со акцент на истражувачките и социолошките студии. Тој е познат публицист, есеист, автор на кратки раскази и поет во Албанија и во Косово. Неговата студија за делата на Исмаил Кадаре предизвика сензација во албанските книжевни кругови. Досега има објавено четири книги од кои две се збирки песни и две се збирки кратки раскази. Женет е и живее во Приштина.
Сведокот
Превод: Сотир Ристо
Збирката кратки раскази „Сведокот“ е концептуална збирка поделена на два дела, предвоените искуства и повоената дезинтрегација. Тоа е длабок и авангарден бунт против војната, без оглед на страните, непријателствата и аргументите.
Во првиот дел од расказите, акцентот на книгата е ставен на драмата и кризата на албанскиот народ. Приказните се напишани во динамика меѓу инфантилна и возрасна перспектива. Покрај тоа, тие ги следат луѓето во воениот механизам и сила, при што жртвите се претвораат во завојувани ликови, претпоставувајќи ги изразот и менталитетот на агресорот.
Расказите во вториот дел од книгата на некој начин се бунт кон остатоците што ги остава војната во едно општество, иако живее во својата слобода. Расказите од овој втор дел се остатоци сами по себе, оставени од трагедијата што не може да се надмине.
Иако е многу контроверзна и провокативна, книгата „Сведокот“ на албански јазик доби пофалби во Косово и во Албанија (познатиот критичар на Албанија, Агим Баќи, беше еден од критичарите што ги признаа достигнувањата на книгата!).