Александар Прокопиев
Бројот на објавени книги на македонскиот писател Александар Прокопиев (1953, Скопје) надминува дваесет (збирки раскази, новели, есеи и еден роман), а нивните преводи на балкански и на светски јазици се уште побројни. На пример, на српски јазик досега се објавени дури осум преводи на негови дела (најмногу во издание на „Геопоетика“).
Во 2000 година Енциклопедија Британика ја истакна неговата книга на хибридна проза „Антиупатства за лична употреба“ како едно од најинтересните годишни изданија од Југоисточна Европа. Во 2011 година, за книгата бајки за возрасни „Човечулeц“ ја доби угледната меѓународна награда „Балканика“ (претходно, во 2007 година, неговиот роман „Ѕиркачот“ влезе во најтесниот избор за таа награда). Во 2022 година, во најновото издание на обемната, реномирана француска историја на европските книжевности „Les Lettres Européennes“, неговата проза е анализирана во поглавјето „Тенденции и современи фигури 1989 – 2021“, каде што е споредена со нарацијата на инвентивни раскажувачи како Бартелми, Калвино…
Освен доживотната опсесија со читање и пишување, Прокопиев имал успешни креативни периоди и во рокенролот, алтернативниот театар, сценаријата за анимирани филмови итн.
Младиот мајстор на играта; …ИЛИ…; Пловидба кон југ
„Антолог“, Скопје, 2025
Моите три први објавени книги пишувани се во три града (Белград, Скопје, Париз, па пак Скопје) во периодот на една ослободена, независна книжевна и културна сцена полна со експериментирање, бунт и упорни исчекори, отклони од воспоставените норми. Крајот на седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите беше време со силен манифестен енергетски поттик во соочувањата со големите промени во надворешниот и внатрешниот свет, кога во литературата, како и во музиката, ликовните уметности, театарот, филмот, сродниците се здружуваа, провоцираа, водеа дебати, полемики, но и создаваа вредни остварувања, под очигледно влијание на постмодерната поетика.
Ако треба на некој начин да ја одделам заемната поврзаност кај трите книги во испреплетеноста на стварното и фиктивното низ куси раскажувачки форми, тогаш: минијатурите во „Младиот мајстор на играта“ се најблиски до наративните поетски прози, „…или…“ со долги импулсивни реченици што почнуваат и завршуваат со три точки, се експресивно дејствувачки фрагменти, во „Пловидба кон југ“ композициската постапка резултира кон создавање „вистински“ раскази.
Особена благодарност кон книгоиздателството „Антолог“ за неговата понуда да ги преиздаде овие три книги, неизбежни во возбудливото патешествие на моето писателско самоспознание.
Александар Прокопиев