Чешка 🇨🇿
Луцие Фаулерова
(1989) е чешка писателка, уредничка и сценаристка. Дипломирала чешки студии на Универзитетот Палацки во Оломуц.

Нејзиниот дебитантски роман „Собирачи на прашина“ побудил интерес кај читателите и критичарите веднаш по објавувањето. Била номиниран за наградата Магнезија Литера за проза во 2017 година (највисоката годишна книжевна награда во Чешка), и наградата Јиржи Ортен за автори помлади од триесет години.

Со истакнатата чешка концептуална уметница Катержина Шеда, Луси е коавторка на книгата „BRNOX — Водич низ Бронкс од Брно“ (2016), за социјално загрозена област во Брно, за која ја добила наградата за новинарство Магнезија Литера во 2016 година.

Во 2020 година, Луси го објавила романот „Девојката Смрт“, која била номинирана за наградата Магнезија Литера за проза во 2021 година и ја освоила Наградата за литература на Европската Унија.

 

Девојката Смрт
Превод од чешки: Маргарета Карајанова

Додека се враќа со воз во родното место, на Марија, главниот лик и раскажувач во романот, ѝ се нижат слики од животот во минатото на нејзиното дисфункционално семејство, на младешките радости и таги, пороци, љубов… Почнува од нејзиното речиси идилично детство, но набргу стигнува до мрачните настани од поблиското минато, цело време промислувајќи ја смислата и потребата за постоење во сегашноста. Товарот на сеќавањето изгледа претежок, и таа го очекува крајот. Со возот, и Марија ќе стигне на својата крајна дестинација.

„Девојката Смрт“ може да се чита како семеен роман, како роман-студија за самоубиствата, како психолошко-контемплативен роман, како роман за девојка која и покрај тешката реалност сака да живее.

Иако навидум главната тема во романот е самоубиството, авторката изјавила дека главната тема е слободата. Слободата во смисла на тоа човекот сам да го направи сопствениот избор – дали да живее или не.

 

 

 

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment