Словенија🇸🇮
Ања Мугерли (1984) е словенечка авторка, лекторка и уредничка. Дипломирала словенечки јазик и магистрирала на изведбени студии и креативно пишување.Нејзиниот стил е суптилен, со голем психолошки увид во ликовите.
Дебитирала со збирката раскази „Зелената фотеља“ (2015) и била во потесниот избор за наградата за најдобра дебитантска книга.
Во 2017 година го објавила романот „Сповин“, кој бил номиниран за наградата Кресник (2018).
Во 2021 година, збирката раскази „Пчелно семејство“ влегла во потесниот избор за наградата Ново место и ја добила Наградата за литература на Европската Унија, а досега е преведена на многу јазици (хрватски, италијански, македонски, унгарски, бугарски итн.).
Во 2023 година, објавен е нејзиниот втор роман „Очекувања“.
Нејзиниот прв роман е филмуван и во 2019 година бил прикажан на Фестивалот за први романи во Кил, Германија.
Пишува и драми, од кои две добиле награди на меѓународен натпревар во Италија. Живее во Нова Горица, на границата меѓу Словенија и Италија. Течно зборува англиски, шпански и италијански.
Пчелно семејство
Превод од словенечки: Давор Стојановски
„Пчелно семејство“ е збирка од седум раскази. Секој расказ застапува одреден обред или обичај од словенечката традиција, кои во делото на Мугерли се вметнати во поинаков контекст или во современи рамки, така што добиваат нова улога и добиваат нова смисла. Централна тема на секој расказ е семејството, било да е неостварено („Јаболкарка“), обединето и потоа раздвоено („Пламени јазици“) или некое што во нормални услови би можело да стане вистинско („Пчелно семејство“). Сите раскази, освен еден, се случуваат во сегашноста, но поради ритуалите и атмосферата се чинат безвременски. Авторката со јазична виртуозност нè внесува во свет што не го познаваме, иако живееме во него.
Читајќи ги расказите, постојано преминуваме некакви граници – јазични, културни, политички, географски, но и оние што се поставени помеѓу реалноста и несвесното.
Во 2021 година „Пчелно семејство“ ја добива престижната Награда за литература на Европската Унија.