Белгија 🇧🇪
Стефан Хертманс (1951) е белгиски автор, поет и есеист од фламанското говорно подрачје. Неговата биографија се чита како образовен (билдунгс) роман. Од наставник до џез-музичар, од професор до писател, од белгиски државен лауреат до огромна меѓународна книжевна ѕвезда.
Автор е на литературен и на есеистички опус кој вклучува поезија, романи, есеи, драми, раскази. Неговата поезија е преведена на различни јазици, изучувана е на Уметничкиот институт и на Кралската академија за ликовни уметности во Гент, а во 1983 година учествувал и на Струшките вечери на поезијата.
Предавал на Универзитетот во Сорбона, универзитетите во Виена, Берлин и Мексико Сити, Конгресната библиотека во Вашингтон и Универзитетскиот колеџ во Лондон. Неговите дела се објавени во списанијата „Д литерари ривју“ (Медисон), „Д ривју оф контемпорари фикшн“ (Илиноис) и „Гранд стрит“ (Њујорк).
Во 1995 година ја има добиено фламанската награда за поезија која се доделува еднаш во три години. За романот „Војна и терпентин“ (2012, базиран на дневниците на дедо му низ кои го реконструира времето пред, во текот и по Првата светска војна) ја освоил наградата за литература на ECI и Фламанската награда за литература и култура, бил и во потесниот избор за наградата за литература Либрис, Златен книжевен був, и Наградата за историја на фондот Давид, како и во поширокиот список за меѓународната Букерова награда. Англискиот превод на книгата е избран за роман на годината од „Тајмс“, „Сандеј тајмс“ и од „Економист“, а од „Њујорк Тајмс“ е прогласен за една од десетте најдобри книги за 2016 година.
Хертманс ја добил престижната награда Е. ди Перон за „Вечно туѓа“ (2016). За „Вечно туѓа“ и за најновиот роман, „Искачување“, бил номиниран за Еврејската книжевна награда. Трите романи формираат трилогија во која се мешаат фактите и фикцијата.
Вечно туѓа
Превод од англиски: Елизабета Божиноска
Во еден мал град во Прованса, луѓето од памтивек раскажуваат за еден прастар погром и за едно скриено богатство. Стефан Хертманс ја заснова „Вечно туѓа“ на историски факти и го следи животот на една истакната христијанска благородничка што го напушта својот дотогашен живот поради љубовта кон едно еврејско момче.
Во зората на крстоносните војни, 17-годишната Вигдис Аделаис, ќерка на полукултивиран Норман што живее во Руан, еден ден поминува покрај јешивата и го здогледува Давид Тодрос, син на главниот рабин од Нарбона. Иако нејзиниот татко го критикува поттикнувањето омраза кон Евреите, кога дознава за забранетата љубов, ја затвора Вигдис во манастир. По успешното бегство, Вигдис го зема името Хамутал и, иако се чини дека ќе најдат мир за себе и за своите деца во планините, Давид и Хамутал не се ни свесни за искушенијата и за трагедиите што ги очекуваат.
Брилијантна реконструкција на едно неверојатно патување од средновековна Европа до Египет и нераскажана приказна за заборавени документи и забранета љубов.
Војна и терпентин
Превод од англиски: Елизабета Божиноска
Урбан Мартин оставил два нотеса зад себе. Тие го откриваат целиот негов живот. Живот на уметник, војник, љубовник и на некој што ја преживеал Првата светска војна. Овие нотеси се откриени 30 години подоцна од страна на неговиот внук, писател, кој преку нив воздигнува еден свет што исчезнал. Тоа е периодот на крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Во своите нотеси тој пренесува речиси половина век, а со своите описи и големата љубов моќно одѕвонува и сто години подоцна. Борејќи се со оваа приказна, внукот поминува низ годините, барајќи начин да ја разбере сопствената улога во времето.
Преполн со живописни детали, размисли за сликарството и за музиката, овој фасцинантен дијалог меѓу мртвиот сликар и неговиот внук е драгоцена средба на минатото што сме го заборавиле и на сегашноста што сè помалку ја разбираме.
Романот е преведен на повеќе од 20 јазици, а списанието „Њујорк тајмс“ го вброило во десетте најдобри книги за 2016 година.