Хрватска/БиХ 🇭🇷 🇧🇦
Миљенко Јерговиќ (1966) е босанскo-хрватски писател и новинар. Тој е еден од најзначајните балкански писатели. Роден е во Сараево во 1966 година и со својата книжевна и вонкнижевна работа се издигнува во една од најживописните фигури на регионалната јавна сцена.
Неговите раскази и романи се преведени на триесетина јазици.
Добитник е на бројни книжевни награди, домашни и странски. Неговата збирка раскази „Сараевско Марлборо“ ја добила наградата за мир Ерих Марија Ремарк, а неговата поетска збирка „Опсерваторија Варшава“ ги добила наградата Горан за млади поети и наградата Мак Диздар. За „Мама Леоне“ ја добил ценетата Премио Гринцане Кавур за најдобра книга од странски автор во Италија во 2003 година. Во 2012 година ја добива наградата за книга од Централна Европа Ангелус за книгата „Срда пее во самрак на Духовден“, а во 2018 година ја освојува книжевната награда Георг Дехио.
Јерговиќ моментално живее и работи во Загреб, Хрватска.
Волга, Волга
Превод од хрватски: Ѓоко Здравески
Секој петок, Џелал Пљевљак патува 116 километри со својата црна волга, од Сплит до Ливно. Оди во џамија и се враќа назад. И така едно 15 години. И кога мисли дека веќе ги познава секое дрво и секоја куќа покрај патот, му се случува нешто што ќе му го смени животот засекогаш. Го зафаќа типична босанска снежна бура и патот ќе го навее во селото Фатуми.
Пет години подоцна, 1993, во текот на најсуровиот дел од војната во Босна, еден неименуван документарист се обидува да ја реконструира приказната со која јавноста опсесивно се занимавала до не толку одамна. Приказната за човекот кој станал последна и најголема ѕвезда во историјата на црните хроники на овие простори.
Јерговиќ повторно си игра со документите, си игра со перспективите, со точките на гледиште. Не се знае докрај кој ја зборува вистината, што е вистината, кој има право, има ли виновници воопшто.
Ветрогонот Бабукиќ и неговото време: пикарски роман
Превод од хрватски: Ѓоко Здравески
Главниот лик на филмот „Терминал“ бил заробен на аеродром девет месеци, а херојот од романoт на Миљенко Јерговиќ патува со авион низ целиот свет цели триесет години.
Се вика Бабукиќ, а во светот тргнува со почетокот на нашата последна балканска војна. Бега од Загреб, од работата во ЈНА и од трудната љубовница, преку Љубљана, некаде далеку, што подалеку. Веќе на првиот лет за Франкфурт, стекнува чудна дарба да го научи секој јазик веднаш штом ќе го слушне и сите – од цариници и стјуардеси до обични патници – неизмерно да му веруваат.
Обиколувајќи го светот безброј пати, а никогаш не излегувајќи од аеродром или од авион, тој внимателно ги слуша неверојатните приказни на луѓе од сите раси и религии – од дагестанската вештерка, преку шведскиот антрополог Олсон, до Динко Микуличиќ, синот на најпознатиот убиец на УДБА, со кого на белградскиот аеродром ќе го дочека крајот на светот.
„Ветрогонот Бабукиќ и неговото време“ е современ пикарски роман, кој ги отсликува нашите стравови, немири, опседнатоста со секс, озборување и алкохол.
Други книги на македонски јазик.
„Барабаните на ноќта“ [превод од хрватски: Ѓоко Здравески], Бегемот, Скопје, 2022.
„Кучиња на езерото“ [превод од хрватски: Дејан Трајкоски], Прозарт медија, Скопје, 2021.
„Иншала, Мадона, иншала“ [превод од хрватски: Ѓоко Здравески], Бегемот, Скопје, 2021.
„мачка човек куче“ [превод од хрватски: Дејан Трајкоски], Прозарт медија, Скопје, 2020.
„Сараевско Марлборо“ [превод од хрватски: Ѓоко Здравески], Бегемот, Скопје, 2019.
„Бујик Ривера“ [превод од хрватски: Ѓоко Здравески], Бегемот, Скопје, 2018.
„Род“ [превод од хрватски: Владимир Јанковски], Или-или, Скопје, 2017.
„Рута Татенбаум“ [превод од хрватски: Ѓоко Здравески], Бегемот, Скопје, 2017.
„Промена на времето“ [препев од хрватски: Ристо Лазаров], Везилка, Скопје, 2013.
„Татко“ [превод од хрватски: Јасмина Алексова], Икона, Скопје, 2012.
„Мама Леоне“ [превод од хрватски: Александар Прокопиев], Икона, Скопје, 2011.
„Сараевско Марлборо“ [превод од хрватски: Билјана Жеревска], Лист, Скопје, 1999.