29 септември, Скопје
ТРИ СЛОБОДИ
Oливера Ќорвезироска
Дома, како дете, имавме три слободи: правосмукалка, електричен шпорет и греалка. Мајка ми чистеше со првата слобода најчесто во сабота попладне, додека татко ми поправаше нешто во гаражата или не беше дома. Втората слобода имаше четири рингли, голема рерна и фиока под неа каде што ни стоеја тавчиња. Мајка ми готвеше и на ринглите и во рерната, татко ми и брат ми од втората слобода користеа само една рингла, едниот за кафе или да свари јајце, другиот за пуканки. Третата слобода беше портокалова, неа ја користевме сите кога беше многу студено. Дуваше и брчеше, собата се тресеше, ама барем мигум нè стоплуваше. Ја понесов со себе во Скопје кога дојдов да студирам. На сите наши три слободи имаше ист напис, ракописен, латиничен, со поврзани или уште подобро речено, со врзани букви меѓу себе: с-л-о-б-о-д-а. Тогаш не знаев дека сега тоа ќе се вика лого.
Многу години подоцна, 2005, слобода умре и тоа многу ме погоди. Тогаш веќе немав ниедна слобода дома, ама сепак. Споменот на некогашните три слободи не беше мерлив со ниедни нови времиња, со ниедни нови зборови што беа влегле во нашите домови и животи: горење, електролукс, вирпул, бош, Европа… а малку подоцна и беко, самсунг, Западен Балкан.
Секако дека мислам на фабриката „Слобода – Чачак“ што беше електрогигант во СФРЈ и чии производи беа присутни во безброј југословенски домови. И ден-денес, секогаш кога помислувам на слобода, првин помислувам на домашни апарати, оти тој збор првпат го видов и осознав на нив: ракописен, латиничен, со поврзани или уште подобро речено, со врзани букви меѓу себе: с-л-о-б-о-д-а.
Требаше време и време да се исчисти, да се зготви, да се стопли, да се изнадува и да се изнабрчи, за да почнам да гледам на слобода на друг начин. А тогаш, тогаш дојде моќниот виор на знаењето, поточно на граматиката во мојот живот и го подзеде и зборот слобода.
Зборот слобода морфолошки е обична збирна именка, што по граматичкиот број е еднина, а семантички се однесува на цело множество, како: одделение, заедница, колектив, стадо, глутница, јато. Тaa, именката слобода, има и множинска форма – слободи, но скришно мечтае да биде singularia tantum. Залудно, зашто слобода во извесна смисла е pluralia tantum и не може никогаш да стане тоа за што мечтае.
Не постои и не може да постои една единствена слобода никаде освен во граматиката, којашто доброволно ѝ се потчинува на семантиката. Слобода секогаш била, е и ќе биде суштинска, нужна множина, зашто има толку слободи колку што има луѓе, во моментот околу 8,3 милијарди луѓе и 8,3 милијарди слободи. Сепак, во нашиот мајчин македонски јазик, поради скаменетите изрази, фразеологизми поврзани со бројот триста, се чини најдобро функционираат триста слободи, како триста работи, триста проблеми, триста чуда итн. Значи, не три, како слободите во мојот дијалект, туку триста како во фразеологизмите во стандардниот јазик. Тристоте фразеолошки слободи и трите наративно-емотивни слободи од моето детство се само докази за неможноста на постоењето на една единствена слобода. Зашто слобода не е куќа, ни замок, ни рид, ни пејзаж, ни бескрај, ни рај. Таа е клуч: за куќата, за замокот, за ридот, за пејзажот, за бескрајот, за рајот. И додека тој клуч е во наши раце или барем знаеме точно каде е, можеме да бидеме слободни и во кафез и во ќелија без прозорци.
Оддалеку гледано, слободата е многу убава. Проблемите настануваат кога ќе почне да ни приоѓа, кога ќе почнеме да ѝ приоѓаме. Колку сме поблизу, толку лицето ѝ станува понемазно, а кожата погруба. Брчки, дамки и влакненца… Несовршености. Слободата е совршена само кога ни е далечна. Одблизу знае да биде дури и страшна. Да не знаеме што да правиме и како да се справиме со неа. Ја влечеме или ја туркаме, поблиску или подалеку од себе, а всушност, само се обидуваме да го најдеме совршеното растојание помеѓу нас. Да можеме да ја дофатиме ако пружиме рака – да можеме да побегнеме ако се обиде да нè зграпчи; да се качиме на бандера ако наземи стане премногу тешко – да се симнеме од бандера ако по небото почнат да газат премногу луѓе.
Како си, го прашувам мојот пријател-писател кој од скоро е во пензија. – За никаде, ми вели. Зошто? се чудам. Не знам што да правам со толку многу слобода. Не му реков „пишувај“, зашто тој, мојот пријател-писател и без толку многу слобода изнапиша едночудо прекрасни книги. А за прекрасни книги не треба премногу слобода, туку несомнено – многу помалку од премногу.
Германската поетеса Хилде Домин има песна во која вели дека зборот слобода е толку многу тркалан низ устата, што станал мазен како белутрак. Таа апелира да го изгребеме, да го поминеме со рапава шмиргла, да го посипеме со срчи белутракот слобода, за да не може тука така да се става на јазикот и кој било-како било-за што било да го изговара и да мава со него. Зборот слобода треба да се разреди од говорот / од зборувањето, и да се зачести во мислата / во молчењето. Зашто:
- Слобода е да напишеш книга, но слобода е и да решиш да не бидеш писател;
- Слобода е да скршиш правило, но слобода е и да го почитуваш правилото;
- Слобода е да преминеш граница, но слобода е и да се вратиш дома;
- Слобода е да избереш слобода, но слобода е и да избереш неслобода.
Трите слободи од моето детство не беа само метафори. Суштински гледано, јас и ден-денес верувам во три слободи: слобода пред себеси, слобода пред другиот и слобода пред текстот.
- Слободата пред себесие да се ослободиме од она што сме си го кажале дека мора да бидеме.
- Слободата пред другиоте да му оставиме простор да биде различен од нас. Да ја прифатиме разликата како можност, а не како закана.
- Слободата пред текстоте најголемата книжевна слобода. Да му дозволиме на текстот да не нè послуша. Да нè изненади, да ни се спротивстави, да отвори прашање таму каде што сме очекувале одговор.
Првите две слободи (пред себеси и пред другиот) не знаеме каква боја имаат, ама третата – слободата пред текстот, сигурна сум дека е портокалова, дека дува и брчи, ама мигум нè стоплува. Слободата пред текстот е портокаловата греалка од моето детство што ја носев со себе од стан во стан додека студирав, како што сега постојано го носам текстот со себе и пред да го напишам и додека го пишувам и што ви го предавам вам откако ќе биде готов. За да се стоплите и вие, за да ви подува и побрчи и вам.
Длабоко верувам дека книжевноста се случува токму меѓу овие три слободи. Затоа, да не бараме само слобода во книжевноста, туку и да ѝ дадеме слобода to книжевноста и книжевност на слободата. Да славиме множина, не еднина: Не една книга, не една слобода, туку три, триста, недоброј книги – три, триста, недоброј слободи.
Добредојдовте во книжевноста, добредојдовте во македонскиот јазик, добредојдовте на 12. издание на Букстар фестивалот.







