Валентин Нешовски
Валентин Нешовски е новинар, уредник и писател. Работел во „Нова Македонија“, „Македонија денес“, „Денес“ и „ЗУМ-магазин“, и како дописник за странски медиуми. Во 2000 година ја добива новинарската награда на УНХЦР за најдобра сторија од бегалските кризи. Неговиот професионален престој на Универзитетот во Оклахома резултира со книгата „Конфликт, мир и медиуми“. Автор е на научнофантастичната филозофска трилогија, која ја сочинуваат романите „Една книга“ (2022, номиниран за Роман на годината, преведен на српски и на бугарски јазик), „Последната мисла во универзумот“ (2023, тесен избор за Роман на годината) и „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“. Во 2024 година, заедно со Џабир Дерала, ја објавува „Човекот, роботот и дигиталниот бог“. Во своето творештво, Нешовски ги истражува футуризмот, вештачката интелигенција и етичките аспекти на технолошката ера. Работи и како меѓународен консултант за односи со јавноста, комуникации и медиуми.

Кафеана на крајот и на почетокот на универзумот
"Antolog", Skopje, 2025
Патување низ една вселена каде границите меѓу реалноста и симулацијата се топат во чад од кафеанска ламба. Дон, Роб, Хал, Р2 и чудесни битија како Природата, Спектар и Моно се вплеткуваат во разговори што се нишаат меѓу смеење и апокалипса, меѓу научни формули и егзистенцијални прашања.
Оваа книга ја меша иронијата на Даглас Адамс, метафизиката на Ками и визијата на Лем, но ја сместува во универзална кафеана – архетипско место каде секоја цивилизација би можела да ја започне или заврши својата приказна.
