Гузел Јахина

Гузел Јахина (Казан, Русија, 1977) е писателка од татарско потекло, која е и сценаристка и една од најзначајните современи авторки од руското говорно подрачје. Роден говорител е на татарскиот јазик, а рускиот го научила на училиште. Студирала на катедрата за странски јазици на Казањскиот државен универзитет, а подоцна завршила и студии по филмско сценарио во Москва. Пред да ѝ се посвети на книжевноста, работела во областа на маркетингот и рекламирањето.

Нејзиниот книжевен пробив доаѓа со романот „Зулејха ги отвора очите“ (2015), приказна за татарска селанка депортирана во Сибир во времето на сталинистичката колективизација. Романот е адаптиран во мини-серија од осум епизоди, награден со престижните „Голема книга“ и „Јасна Полјана“ и е преведен на повеќе од триесет јазици.

Следуваат романите „Децата на Волга“ (2018), за животот на германските доселеници на Волга, и „Возот за Самарканд“ (2021), историска приказна за возот што во 1923 година превезува стотици деца од гладното Поволжје кон Самарканд. „Ејзен“ (2025) е нејзиниот најнов роман.

Во своите романи Јахина се занимава со историјата и личната меморија, раселувањето, идентитетот, семејството, преживувањето и човечката способност да се создаде нов живот по голема загуба. Нејзината проза ги спојува историското истражување со силен визуелен и филмски начин на раскажување, ставајќи го поединецот во средиштето на големите историски потреси. Нејзините дела се преведени на повеќе од четириесет јазици.

 

@yakhina_official

 

Зулејха ги отвора очите

Превод од руски јазик: Игор Станојоски

„Антолог“, Скопје, 2019

 

Приказната започнува во мало татарско село во 1930 година, во свет во кој жената е изложена на постојано понижување. Во центарот е зеленооката Зулејха, која ќе го посведочи убиството на својот сопруг и ќе биде прогонета во Сибир.

По мачното патување со товарен воз, таа ќе се најде на бреговите на Ангара, во суровата руска тајга, меѓу селани, интелектуалци, криминалци, муслимани, православни и атеисти, Татари, Руси и Германци. Меѓу нив е и Игнатов – човекот што го убил нејзиниот сопруг.

Далеку од својот дом и минатото, тие се принудени да создадат нов живот. А Зулејха, низ мајчинството, љубовта и борбата за опстанок, постепено ќе ги открие сопствената сила и слобода.

Добитник на двете најзначајни книжевни награди во Русија – „Голема книга“ и „Јасна Полјана“.

 

Децата на Волга

Превод од руски јазик: Ѓорѓи Крстевски

„Антолог“, Скопје, 2021

 

Во степите покрај Волга, во 1916 година, Јакоб Бах, руски Германец и учител во малото село Гнадентал, живее повлечено со својата ќерка Анче. Во осаменоста пишува волшебни приказни кои, на чудесен и трагичен начин, почнуваат да се остваруваат во стварноста.

Неговиот живот се менува кога ќе се вљуби во Клара, ќерка на селанец од другиот брег на Волга. Но нивната љубов ќе се најде во виорот на револуцијата, војната и создавањето на Германската Република на Волга.

„Децата на Волга“ е раскошен роман за љубовта, смртта, историјата, војната и создавањето, во кој магичниот реализам се спојува со суровата реалност на Русија и судбината на едно исчезнато време.

 

Возот за Самарканд

Превод: Сашо Христовски

"Antolog", Skopje, 2023

 

Во 1923 година, по граѓанската војна и разорниот глад, болшевичката влада организира евакуација на илјадници напуштени деца кон областите каде што има повеќе храна и можност за преживување.

Искусниот командир Деев и строгата комесарка Бела добиваат задача да пренесат петстотини бездомни деца од Казањ до Самарканд. Шестнеделното патување низ огромните пространства на Русија и Централна Азија се претвора во борба против гладот, жедта, болестите, насилството и смртта.

Во очите на децата, патувањето станува истовремено опасна авантура и сурова школа за преживување. Илјадниците километри што ќе ги поминат ќе ги променат животите на сите патници.

Потресен, но и светол роман за детството, преживувањето, човечноста и надежта, во кој Гузел Јахина повторно ги истражува трауматичните страници од руската историја и покажува како, дури и во најтемните времиња, животот наоѓа начин да продолжи.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment