Лилјана Коробка
Лилјана Коробка (Сасени, Молдавија, 1975) е молдавско-романска писателка, научничка и истражувачка на цензурата во комунистичкиот период. Дипломирала на Филолошкиот факултет на Државниот универзитет во Молдавија, а докторирала на Универзитетот во Букурешт со тезата „Ликот во меѓувоениот роман во Романија“. Од 2002 до 2011 година работела како истражувачка во Институтот за историја и книжевна теорија „Ѓорѓе Келинеску“ во Букурешт, а од 2014 година е експерт за романскиот егзил во Институтот за истражување на комунистичките злосторства и сеќавањето на романскиот егзил. Добитничка е на стипендии и престои за уметници во Германија, Австрија, Франција и во Полска.
Како писателка дебитирала со романот „Негрисимо“ (2003), за кој ги добила наградата „Прометеј“ за дебитант на списанието România literară и наградата за прозен дебит на Сојузот на писателите на Република Молдавија. Следуваат романите „Една година во рајот“, „Киндерленд“, „Приказната на старите девојки“, „Тетратката на цензорот“, „Крајот на патот“, „Бубамара“ и други дела.
Нејзиниот роман „Киндерленд“ е преведен на повеќе јазици и е добитник на наградата „Radio România Cultural“ и наградата „Кристал“ на Меѓународниот фестивал во Виленица. Во своето творештво Коробка често ги истражува миграцијата, напуштеното детство, историската меморија, комунизмот, цензурата и последиците од политичките системи врз личниот живот. Паралелно со книжевната работа, авторка е на повеќе научни и документарни дела и уредувала значајни изданија посветени на комунизмот, егзилот, депортациите и цензурата.
@lilianacorobca

Крајот на патот
Превод од романски јазик: Ермис Лафазановски
„Антолог“, Скопје, 2026
Семејството на Ана Блажински, жена на речиси деведесет години, решава да ја пресели во дом за стари лица. Една правнука ја добива деликатната задача да ја посети и да ја убеди да ја прифати оваа одлука.
Но посетата добива неочекуван пресврт. Ана почнува да ѝ раскажува на девојката за кошмарниот период од својата младост, кога била депортирана во степите на Казахстан. По ужасното патување, заедно со илјадници луѓе натискани во вагони за транспорт на стока, помислила дека конечно ќе се препушти на љубовта. Но за Ана следувале уште десет години тежок живот — во време на војна и глад. Вербата во Бога и надежта дека ќе преживее ѝ давале сила. Прабабата ги ниже своите болни спомени, понекогаш стоплени од зраци светлина, зашто „приказната има моќ, приказната го изгонува нечестивиот, ама ја изгонува и смртта“.
Базиран на вистински сведоштва, романот на Лилјана Коробка е патување низ мракот од потресни настани во кое дури во последен момент откриваме што се наоѓа на „крајот од патот“.
Other books published in Macedonian:
„Киндерленд“ [превод од романски: Ермис Лафазановски], „Сакам книги“, Скопје, 2025.
