МИХАЛ АЈВАЗ
Чешка
Михал Ајваз е поет и прозаист чии дела може да се опишат како литературни фантазии исполнети со симболизам. Својата прва книга ја издал на 40 години, иако пишувал во различни интервали уште од својата петнаесетта година. Роден е во 1949 година во Прага. Има објавено осум романи, како и есеј за Жак Дерида, книга за философијата на Едмонд Хусрел, книга за Борхес („Соништата на Учителите, Сјајот на Писмата“), како и еден философски текст: „Медитацијата на гледањето“.
Михал Ајваз е литерарен магионичар, кој создава светови од светови, светови од зборови, светови од објекти. Фантастичното бебе на Борхес и Тимоти Лири. Тој е картограф на мескалин. Тој е од Чешка.
Празни улици
Превод: Игор Станојоски
Додека оди на мала прошетка со цел да ја излекува креативната блокада, нараторот се вплеткува во мистериозна мрежа со ногата набодувајќи се на чуден објект што тој го именува како двојна ѓаволска виљушка. Нараторот цело време налетува на симболи во иста форма, за потоа да добие телефонски повик од поранешен литературен критичар, чија ќерка е мистериозно исчезната веќе две години. Токму во оваа книга, стилски се препознава дека Ајваз претходно се занимавал со философија (особено делото за Борхес). Текстот е детализиран на мајсторско ниво. Иако е лесен за читање, овој роман вреди да се препрочитува и да се истражува безброј пати.
Луксембуршката градина
Превод: Игор Станојоски
Пол е професор во една париска гимназија и се наоѓа пред период од животот во кој неговата омилена област, философијата, на неверојатен начин ќе се спои со светот на научната фантастика!
На почетокот од распустот Пол по грешка ќе отчука еден збор на тастатурата, кој ќе стане причината за сите чудовишни пресврти во текот на летото. Погрешно напишаниот збор го движи низ интернет-лавиринтите. Љубовта и љубомората, омразата и помирувањето, на еден духовит начин ги поврзува со улогата на технологијата и науката во нашите животи.