Сјон
Исланд
Сјон е исландски романсиер и поет роден во Рејкјавик во 1962 година. Добитник е на Книжевната награда на Нордискиот совет за литература (инаку нордиски еквивалент на „Man Booker Prize“) за романот „Сината лисица“, а романот „Од устата на китот“ бил во најтесен избор за наградите „International IMPAC Dublin Literary Award“ и „Independent Foreign Fiction Prize“. За романот „Камен од месечината – детето што го немаше“ ја добил Исландската книжевна награда. Како поет, либретист и автор на стихови за музика, објавил девет поетски книги, четири оперски либрета и напишал стихови за различни музичари. Во 2001 година бил номиниран за „Оскар“ за песните на пејачката Бјорк од филмот „Танчарка во мракот“ на Ларс фон Трир. Неговите романи се објавени на 35 јазици. Претседател е на Исландскиот ПЕН центар. Живее во Рејкјавик со сопругата и двете деца.
Пченкарнозлатна коса, сиви очи
Превод: Ѓурѓица Илиева
Романот, кој е своевидна биографија и мистерија, ја раскажува приказната за Гунар Кампен, основачот на исландската антисемитска националистичка партија што одржувала врски со широката мрежа сродни групи низ светот. Уште како младо момче Гунар се интересира за луѓето и за тековните прашања во земјата и во странство. Живее со својата грижлива мајка, двете сестри и брат му, кои го опсипуваат со љубов и со грижа, а и тој самиот е внимателен брат и син. Но, во пролетта 1958 година, ја основа антисемитската политичка партија на националистите и започнува да придонесува кон брзорастечката светска организација на неонацисти.
Во текст што осцилира од поетски слики од детството до мрачни мисли, Сјон го испитува животниот тек на протагонистот. Истовремено, се поставува прашањето дали Гунар Кампен е толку едноставен како што изгледа на прв поглед. Провокативен роман за мистериозниот исландски неонацист и глобалната опседнатост со оваа доктрина. Мајсторски напишано ремек-дело, кое долго ќе ве прогонува.
Други книги на македонски:
Од устата на китот
Превод: Ѓурѓица Илиева
Од устата на китот е исландска сага за модерната доба. Дејството се случува во 1635 година. Исланд е свет помрачен од суеверие, од сиромаштија и од суровост. Научниците му се восхитуваат на рогот од еднорог, сиромаштијата тајно ја обожава Девицата, а книгите и луѓето завршуваат спалени на клада. Сјон нè запознава со Јонас Палмасон, поет и самоук исцелител, прогонет на пуст остров поради еретичко однесување, каде што се сеќава на својата дарба за лечење „женски болести“, на истерувањето на еден дух на далечниот брег Снјафјол, на лудачкиот масакр на невините баскиски китоловци од страна на локалните селани, како и на смртта на три од неговите деца. Приказната на Палмасон одекнува низ вековите и низ културите, тоа е епска приказна преку која го гледаме светот со други очи.
Сината лисица
Превод: Ѓурѓица Илиева
Студениот пејзаж на Исланд е локацијата каде што се случува оваа магична приказна, која е делумно мистерија, делумно бајка. Во основата романот следи две сосем лабаво поврзани приказни во неколку дена во 1883 година. Балдур Скагасон е на лов и следи една неуловлива лисица. Природонаучникот Фридрик Фридриксон се бори да ѝ овозможи иднина на својата штитеничка, млада жена со Даунов синдром, која ја спасил од бродолом пред неколку години.
Човечките ликови и сината лисица не се само длабоко поврзани, туку се и еднакво фасцинантни поради сѐ што претставуваат и поради начинот на кој си влијаат едни на други.
Посебноста на „Сината лисица“ лежи во поетскиот јазик и во начинот на кој се гради приказната, сцена по сцена. Ефектот е речиси хипнотички. Ќе ја дочитате со желба да не заврши, иако најпосле суптилниот пресврт ќе ги спои линиите глатко и паметно.
Добитникот на Нордиската книжевна награда, еквивалент на Букеровата, е совршен вовед во еден книжевен талент од светска класа.