Романија
Богдан-Александру Станеску

Богдан-Александру Станеску (1979) е романски писател, есеист, преведувач, издавач и претседател на Меѓународниот фестивал за литература од Букурешт (FILB). Дванаесет години бил уредник на престижната преводна едиција „Полиром“. Познат книжевен критичар на главните романски изданија. Во 2012 дебитирал како поет. Со свои кратки раскази застапен е во повеќе антологии. Добитник е на наградата за проза на списанието „Ateneu“, на наградата на фестивалот за прв роман во Шамбери, Франција, номиниран е за Наградата за литература на Европската Унија. Делата му се преведени на француски, хрватски, унгарски, бугарски и на македонски јазик. Ги превел од англиски на романски јазик: Албeрто Мангел, Џејмс Џојс, Тенеси Вилијамс, Вилијам Фолкнер, Сандра Њуман, Едвард Хирш и Пол Остер. Докторирал романска книжевност во 2012 година и предава на Универзитетот во Букурешт, на одделот за книжевност и креативно пишување.

 

 

ДЕТСТВОТО НА КАСПАР ХАУЗЕР
превод од романски: Ермис Лафазановски

Напишан од двојна перспектива на тинејџер и на возрасен човек, ова е роман за созревањето, но и за распаѓањето на човекот под притисок на сложениот семеен живот (во кој се вклучени отсуството на таткото и присуството на неколкуте очуви), но и општиот хаос што владее во Романија во 1980-тите и 1990-тите години.

Момчето ја започнува својата приказна со јасен глас, обидувајќи се од најразличните настани што се случуваат во текот на неговото проблематично детство на периферијата од Букурешт да создаде за него една разбирлива слика за светот. Но, растејќи во нефункционално семејство и во друштво на насилни другари, млади отпадници, станува збунет самотник.

Во вториот дел го среќаваме младиот човек како се претвора во скептична, но разумна личност подготвена да го прифати својот дел во напнатата и честопати трауматична стварност на времето во кое живее.

Роман загатка, составен од повеќе приказни, и обид книжевно да се опише еден од најмрачните моменти од поновата историја на Романија. Книгата доби позитивни критики во матичната држава и доживеа три изданија за неполни четири месеци од објавувањето, а била номинирана и за Наградата за литература на Европската Унија.

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment