СООПШТУВАЊЕ И ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДАТА „ДРАГИ“ 2025
за најдобар превод на книжевно дело на македонски јазик
Во 2022 година издавачката куќа „Антолог“ ја востанови наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик. Првото почесно издание му беше доделено на проф. д-р Драги Михајловски, писател, преведувач, есеист и професор чие име ја носи наградата.
Во 2024 година пристигнаа рекордни 43 дела во превод на македонски јазик на 40 преведувачи и издадени од 18 издавачки куќи или поединци. Опфатени беа странски автори од сите жанровски категории – романи, раскази, поезија, книги за деца, драми. Со цел порамноправен мериторен систем и соодветно вреднување на различните предизвици што секој книжевен вид го поседува, од 2025 се воведе приоритетна категорија која ќе се менува секоја година. Приоритетна книжевна категорија за оваа година е прозата (фикцијата) и опфати: романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл. Годинава пристигнаа 35 прозни дела преведени од 33 преведувачи.
Тричлената комисија за доделувањето на наградата ја сочинуваат д-р Анастасија Ѓурчинова (претставник предложен од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), д-р Јана Михајловска (претставник од семејството на Драги Михајловски), Иван Шопов (претставник предложен од издавачката куќа „Антолог“).
Годинашното издание на Наградата „Драги“ е реализирано од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40 000 денари.