Владимир Мартиновски
Владимир Мартиновски (1974) е македонски поет, есеист, прозаист, книжевен преведувач и антологичар. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што и магистрирал во 2001 г. на тема „Интерференции меѓу македонската современа поезија и ликовните уметности“. Докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle, на тема „Аспекти на екфразиската поезија: Ш. Бодлер, В. К. Вилијамс, С. Јаневски, В. Урошевиќ, Џ. Ешбери и И. Бонфоа“. Работи како редовен професор по предметите „Компаративни поетики“ на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од септември 2023 година ја извршува функцијата декан на тој факултет.
Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, бил член на извршниот комитет на Европската мрежа за компаратистички проучувања, на Управниот одбор на СВП, на Претседателството на ДПМ, бил Претседател на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија, како и Потпретседател на Македонскиот ПЕН.
Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици, а застапена е во голем број антологии и тематски избори.
Мартиновски се занимава и со музика при што учествувал во музички проекти и изданија на: Оркестарот од изворни народни инструменти „Пеце Атанасовски“, „Калдрма“ и „Баклава“.
Зоостории
„Бегемот“, Скопје, 2019
„Пред нас е прозна книга составена од вкупно 77 раскази, поделени во 11 циклуси, секој изграден од по 7 прози. Зоосторија во ова дело на Мартиновски е именување поетичка припадност кон едно универзално, наместа сосем духовно набљудување и регистрирање на сиот жив свет, оној на инсектите, на животинките, на ѕверовите, на билките, на природата, на пејзажите, на феномените, зад кои стои еден, така да се каже, спинозијански (пан)натурализам, во чие средиште, секако, стои човекот…. Неговиот дискурс е разнороден: во него се мешаат хаикуа и хаибуни среде или како поенти во неговиот прозен дискурс. Еднаш е раскажувачки, прозаистички екстензивен, другпат анегдотичен, третпат афористичен, често склон на стихување (римување) во проза, онака како што го влече чувството.“
Томислав Османли