#1
СТЕФАН ХЕРТМАНС (Белгија)
Стефан Хертманс (1951) е меѓу најблескавите белгиски книжевни ѕвезди – автор, поет и есеист од фламанското говорно подрачје.
Неговата биографија се чита како роман: од наставник до џез-музичар, од универзитетска кариера до писател, од белгиски државен лауреат до огромна меѓународно позната личност.
Романот „Војна и терпентин“ ја освојува Наградата за литература на ECI и Фламанската награда за литература и култура, а добива номинација и за меѓународната Букерова награда во 2017 година.
Поезијата на Хертманс се предава на Уметничкиот институт и на Кралската академија за ликовни уметности во Гент.
Во 2016, Хертманс ја добива престижната награда Е. ди Перон за историскиот роман „Вечно туѓа“ .
Во далечната 1983 година авторот прв пат ја посетил Македонија како учесник на Струшките вечери на поезијата, а точно 30 години подоцна доаѓа да ги запознае своите нови читатели.
Драго ни е што приемот на наградуваните книги на Хертманс во Македонија, „Војна и терпентин“ и „Вечно туѓа“, нè поттикнаа да го викнеме на BookStar.
#2
АЊА МУГЕРЛИ (Словенија)
Ања Мугерли (1984) е словенечка авторка, лекторка и уредничка. Дипломирала словенечки јазик и магистрирала на изведбени студии и креативно пишување.
Во 2017 година го објавува романот „Сповин“, кој добива номинација за наградата Кресник (2018).
Во 2019 Мугерли ги продава филмските права за „Сповин“ и е избрана на Фестивалот за први романи во Кил, Германија.
Во 2021 година збирката раскази „Пчелно семејство“ влегува во потесниот избор за наградата „Ново место“ и ја добива Наградата за литература на Европската Унија.
Пишува и драми, од кои две добиле награди на меѓународен натпревар во Италија. Живее во Нова Горица, на границата меѓу Словенија и Италија.
Делата на Мугерли се преведени на различни јазици (хрватски, италијански, унгарски, бугарски, итн.), а македонскиот превод на „Пчелно семејство“ е достапен во книжарниците на Антолог.
#3
ФРАНСИС КИРПС (Луксембург)
Франсис Кирпс (1971) е луксембуршки автор, сатиричар и новинар.
Од деведесеттите години објавува поезија и проза во различни антологии и списанија во Германија и во Луксембург.
Во 2000 и 2001 година бил награден од Concours Littéraire National за краток расказ и песна.
Во раните 2000-ти, Киприс стапува и на поетската слем сцена. Има учествувано на над петстотини слем и читачки сценски настапи.
Основач, издавач и уредник на литературното списание „EXOT“ од Бон, во периодот 2005 до 2014 година.
Основач и потпретседател на новото здружение на писатели од Луксембург A:LL Schreftsteller*innen.
Во 2020 година ја добива наградата Servais и Наградата за литература на Европската Унија за книгата „Мутации“.
Интертекстуална и жанровски хибридна, „Мутации“ е задолжително четиво за сите вљубеници во книжевните експерименти. Книгата е во издание на Антолог и е достапна во нашите книжарници.
#4
СОФИ ХАНА (Обединетото Кралство)
Софи Хана (1971) е бестселер авторка на „Сандеј тајмс“ и „Њујорк тајмс“. Објавена е на педесет и еден јазик, а нејзините книги се продадени во милиони примероци ширум светот.
Авторка е на новата серија романи-продолженија со Херкул Поаро, а во процесот на пишување соработува со семејството на авторката Агата Кристи.
Во 2014 година, со одобрување од семејството и правните наследници на Агата Кристи, Софи Хана објави нов роман за Поаро, „Убиства со монограм“, кој беше бестселер во повеќе од петнаесет земји.
Во тек е снимањето на мјузиклот „Мистеријата на господинот Е.“, напишан заедно со нејзината пријателка и композиторка Анет Армитаж. Премиерата на филмот е во декември 2023 година.
Со нејзина помош е отпочната магистерска програма за пишување криминалистички романи на Универзитетот во Кембриџ, каде што е главен предавач и предметен раководител.
Хана е и основачка на програмата за обука на писатели DREAM AUTHOR (www.dreamauthorcoaching.com).
Има многу автори во светот КАКО Агата Кристи но само една е НОВАТА Агата Кристи и таа ни доаѓа во Скопје!!
#5
ЛИДИЈА ДИМКОВСКА (Македонија)
Лидија Димковска е родена 1971 година во Скопје. Таа е поетеса, романсиер, есеист и преведувач.
Студирала компаративна книжевност на Универзитетот во Скопје и докторирала романска книжевност на Универзитетот во Букурешт.
Има предавано македонски јазик и литература на Факултетот за странски јазици и книжевности во Букурешт, и светска книжевност на Универзитетот во Нова Горица, Словенија.
Од 2001 година живее во Љубљана каде работи како писател и преведувач од романски и словенечки на македонски јазик.
Учествувала на бројни меѓународни книжевни фестивали и била на писателски резиденции во Ајова, Берлин, Грац, Сплит, Виена, Салцбург, Тирана и Лондон.
Димковска е една од најнаградуваните авторки на нашите простори. Таа е добитничка на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, германската награда „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда „Петру Крду“, Наградата за литература на Европската Унија и многу други.
Димковска е една од клучните авторки на современата македонска книжевна сцена. Има напишано шест поетски збирки и три прозни дела од кои романот „Резервен живот“ доживеа најголема слава. Задолжителен за читање е и нејзиниот најнов роман „Единствен матичен број“.
#6
БРАНКО РОСИЌ (Србија)
Бранко Росиќ (1964), роден во Белград, е српски писател, и дипломиран машински инженер со необична биографија.
Свирел во култниот панк бенд „Урбана герила“, а подоцна и во електро групата „Берлинер штрасе“. Правел интервјуа со значајни личности од југословенската и светската рокенрол и културна сцена меѓу кои Стивен Патрик Мориси (Д Смитс), Ник Мејсон (Пинк флојд), Јоко Оно, Ханиф Курејши, Ирвин Велш, Ју Несбе и Жан-Пол Готје.
Учествувал во пишувањето на „Лексиконот на YU митологијата“, а негови текстови се објавени и во популарни магазини каок „Плејбој“, „Ел“, „Л’еуропео“, „Космополитен“, „Макс“ и „Нешнл џиографик“.
Неговиот роман „За утре најавуваат конечно разведрување“ наскоро ќе добие и ТВ адаптација.
Росиќ е еден од првите српски музичари кои дале интервју за прочуениoт англиски весник „Њу музикал експрес“.
На британскиот премиер Борис Џонсон му бил претставен како „панкер со маска на новинар.“ Британската кралица Елизабета II го одликувала со Медал на Британската империја за исклучителен придонес во промовирањето и унапредувањето на културните врски меѓу Велика Британија и Србија.
Антолог неодамна го објави првиот македонски превод на новиот роман на Росиќ, „Доаѓањето на матадорот“ кој изобилува со актуелност и жестина. Книгата е достапна во нашите книжарници.
#7
ДРАГО ГЛАМУЗИНА (Хрватска)
Драго Гламузина е хрватски писател и уредник роден во Вргорац во 1967 година.
Дипломирал компаративна книжевност и филозофија на Факултетот за хуманистички и општествени науки во Загреб.
Работел како новинар во „Вјесник“ и како уредник во списанието „Национал“.Од 2003 до 2011 година е главен уредник во издавачката куќа „Профил“, а од 2011 година уредник во издавачката куќа „ВБЗ“ од Загреб.
Ја извршува и функцијата програмски директор на литературниот фестивал „Врисок“ во Риека.
Гламузина пишува поезија и проза, а на македонски му се преведени пет книги: „Месари“, „Тоа ли е сè“, „Еверест“, „Три“ и „Вториот закон на термодинамиката“.
Неговата поетска книга „Mесари“ ја добива наградата Владимир Назор за книга на годината и наградата Квирин за најдобра стихозбирка од автор помлад од 35 години.
Романот на Гламузина „Три“ ја добива наградата на Т-портал за најдобар хрватски роман на годината.
За подобро да го запознаете овој хрватски современ автор, прочитајте ја „Вториот закон на термодинамиката“ која преку перспективите на неколку средовечни луѓе ги опфаќа сите интимни аспекти на секојдневниот живот. Книгата е како современа „Гозба“ од Платон или „Декамерон“ на Џовани Бокачо.
#8
ЛУЦИЕ ФАУЛЕРОВА (Чешка)
Луцие Фаулерова (1989) е чешка писателка, уредничка и сценаристка. Дипломирала чешки студии на Универзитетот Палацки во Оломуц.
Нејзиниот дебитантски роман „Собирачи на прашина“ веднаш по објавување побудил масовен интерес кај читателите и критичарите.
Фаулерова била номиниран за наградата Магнезија Литера за проза во 2017 година (највисоката годишна книжевна награда во Чешка), и наградата Јиржи Ортен за автори помлади од триесет години.
Со истакнатата чешка концептуална уметница Катержина Шеда, Луси е коавторка на книгата „BRNOX — Водич низ Бронкс од Брно“ (2016) за која ја добила наградата за новинарство Магнезија Литера во 2016 година.
Во 2020 година, Луси го објавува романот „Девојката Смрт“, кој во 2021 година добива номинација за наградата Магнезија Литера за проза и ја освојува Наградата за литература на Европската Унија.
Наградуваниот роман „Девојката Смрт“ опфаќа сложени теми, но главната ориентациона точка е копнежот по слобода.
#9
МИЉЕНКО ЈЕРГОВИЌ (Хрватска, БиХ)
Миљенко Јерговиќ (1966) е босанскo-хрватски писател и новинар.
Тој е еден од најзначајните фигури на регионалната јавна сцена. Неговите раскази и романи се преведени на триесетина јазици.
Јеровиќ е добитник е на бројни книжевни награди, домашни и странски. Неговата збирка раскази „Сараевско Марлборо“ ја добила наградата за мир Ерих Марија Ремарк, а неговата поетска збирка „Опсерваторија Варшава“ ги добила наградата Горан за млади поети и наградата Мак Диздар.
Во 2003 година, за „Мама Леоне“ ја добил ценетата Премио Гринцане Кавур за најдобра книга од странски автор во Италија.
Во 2012 година ја добива наградата од Централна Европа Ангелус за книгата „Срда пее во самрак на Духовден“ а во 2018 година ја освојува книжевната награда Георг Дехио.
Јерговиќ е еден од најчитаните автори. Во нашите книжарници, можете да ги најдете неговите познати романи „Волга, Волга“ и „Ветроногот Бабукиќ и неговото време“.
#10
НАЏАТ ЕЛ ХАЧМИ (Шпанија)
НАГРАДА BOOKSTAR 2023!
Наџат Ел Хачми (1979) е мароканско-шпанска писателка во чие творештво доминираат темите на идентитетот, миграцијата, женските права и значењето да се биде жена во конзервативна средина.
Студирала арапска литература на Универзитетот во Барселона. Почнала да пишува кога имала дванаесет години, на почетокот од забава, а подоцна и како начин да фрли поинаква светлина на нејзината мултикултурна реалност.
Дебитантскиот роман на Хачми „Последниот патријарх“ (2008) ја освојува една од најпрестижните награди во Каталонија, Рамон Љуљ, а романот „Ќерката на странецот“ (2015) ги има добиено наградите Сант Жоан за роман и Наградата на градот Барселона.
Хачми исто така работи како новинар и колумнист во шпанските весници „Ел Паис“ и „Ел Периодико“.
„Во понеделник ќе нè сакаат“ во 2021 година ја добива најзначајната книжевна награда во Шпанија, „Надал“.
Нејзиниот вознемирувачки роман е кршење на црно-белата парадигма и од него се разлеваат сите бои на спектарот.
Наџат ел Хачми е една од најголемите книжевни имиња на деветте изданија на Bookstar, a „Во понеделник ќе нè сакаат“ зборува за важноста жените сами да ја креираат својата судбина а не да бидат обични протагонистки. Делото и авторката ги освоија срцата на нашите читатели.
Во периодот од 2-4 октомври секој има можност да ги запознае автор(к)ите за време на Фестивалот BookStar.
Ве очекуваме!