Жарко Кујунџиски
Жарко Кујунџиски (Скопје, 1980) е македонски романсиер, есеист, драмски автор, раскажувач, поет, филмски и книжевен критичар, преведувач и издавач. Дипломирал во 2003, а во 2009 и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Бил колумнист во дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, копирајтер во маркетинг-агенција, прес-координатор на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ од Битола. Се пројавува како основач и иницијатор, самостојно или партнерски, на повеќе релеватни проекти во македонската културна средина како: електронското списание „Репер“ (www.reper.net.mk), наградата за најдобар превод „Драги“, интернационалниот книжевен фестивал „BookStar“ (www.bookstar.mk), фелоушип-програмата „Објавувајќи ја Европа“, мобилната книжарница „Зборче“, како и на онлајн платформата за промоција на македонската литература во странство www.writers.mk. Автор е на 14 книги, како и на водичот „Скопје“ (2015) во склоп на проектот „Откривајќи ја одново Европа“ на Little Global Cities. Превел и адаптирал на македонски јазик неколку дела од англиски на македонски јазик. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински, арапски и на албански јазик. Застапен е во огромен број антологии на македонската проза и поезија. Меѓу другото, неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија „The Best European Fiction 2013“. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „DeBuren“, „13 Ноември“, „11 март 1943“, „Бели мугри“, „Студентски збор“, „Блаже Конески“ за есеј, како и на награди за сценарио и глума на Фестивалот „Лица без маски“. Бил македонски кандидат за наградата „Балканика“ 2021. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2012 и на македонскиот ПЕН-центар од 2013 година. Романот „Spectator“ е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со осум изданија и досега е преведен на полски и на англиски јазик. Романот „Америка“ е преведен на италијански јазик, додека „Сфинга на гневот“ е преведен на албански и на бугарски јазик. Книгата „Приказничар“ се преведува на чешки јазик.
Приказничар
„Антолог“, Скопје, 2024
НАГРАДА „СТАЛЕ ПОПОВ“, 2024
Расказот е потценета форма, но истовремено форма со неверојатен потенцијал. Со оваа секавична и фриволна дефиниција секој автор би сакал и самиот да се идентификува, и затоа сметав дека една ваква збирка е најсоодветна за да го обележам јубилејот „дваесет и пет години јас раскажувам“. А кога ќе кажам форма со неверојатен потенцијал, меѓу другото, мислам и на ова: најкратката од овие прози има десет збора, а најдолгата речиси четири илјади зборови.
Жарко Кујунџиски
„Кујунџиски е мајстор на расказот, мајстор на разумот чиј корен е во срцето. На едно место, во еден расказ, пишува за себе, за тоа дека расказите ги пишува најпрвин во главата. Но, по прочитувањето, сосема е јасно дека нему разумот не му е спротивен на срцето. Како во молитвата: тој мисли со срцето. Затоа и му се случува да напише нешто толку топло, искрено и чудесно, што, сигурен сум, ќе ја смени физиономијата на современиот македонски расказ.“
Венко Андоновски