Вчера, 6 септември 2023 година, после обемна и плодна дискусија жири комисијата за доделувањето на наградата „Драги“ се одлучи во првиот круг на селекција да влезат 19 изданија од 9 издавачки куќи и едно самостојно издание. Одбраните преведувачи се:
- Алида Муча за преводот од албански јазик на „Премин во времето“ од Миѓен Келменди, во издание на Темплум.
- Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на Артконект.
- Ацо Пероски за преводот од англиски јазик на „Далеку од Ирска“ од Вилијам Тревор во издание на Или-или.
- Давор Стојановски за преводот од словенечки јазик на „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли во издание на Антолог.
- Дејан Василевски за преводот од српски јазик на „Капут од мов“ од Стефан Тиќми во издание на Арс Либрис.
- Ѓургица Илиева Нацкова за преводот од англиски јазик на „Мачкино око“ од Маргарет Атвуд во издание на Антолог.
- Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на Артконект.
- Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на Бегемот.
- Јовица Ивановски за преводот од српски јазик на „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ во издание на ПНВ Публикации.
- Катерина Јосифоска за преводот од германски јазик на „Тил“ од Даниел Келман во издание на Артконект.
- Катица Гаровска Ацевска за преводот од бугарски јазик на „Абсолво те“ од Георги Бардаров во издание на Полица.
- Лара Прокопиева за преводот од шпански јазик на „Во понеделник ќе нѐ сакаат“ од Наџат ел Хачми во издание на Антолог.
- 13. Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Сите војни на Лара“ од Војќех Јагелски во издание на Славика либрис.
- Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на Артконект.
- Марија Гиревска за преводот од англиски јазик на „Џакомо Џојс“ од Џејмс Џојс во издание на Марија Гиревска.
- Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.
- Никола Маџиров за преводот од англиски јазик на „Арарат“ од Луиз Глик во издание на Артконект.
- Сашо Огненовски за преводот од српски јазик на „Деца“ од Милена Марковиќ во издание на ПНВ Публикации.
- Снежана Стојчевска за преводот од српски јазик на „88“ од Надија Реброња во издание на ПНВ Публикации.
Жири комисијата во состав Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач) едногласно го истакнаа своето огромно задоволство, како од големиот интерес на преведувачите, така и на високиот квалитет на понудените дела. Пред нив претстои тешка задача, бидејќи во конкуренција се исклучителни преводи на преведувачи од различни генерации.
Беше истакнато и брзото препознавање на оваа награда од јавноста, за што говорот застапеноста на сите книжевни жанрови и видови, објавени од сите најзначајни издавачки куќи во Македонија. За наградата „Драги“ првично беа номинирани 39 преведувачи од 17 издавачи и две приватни изданија.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.