Луксембург 🇱🇺
Франсис Кирпс (1971) е луксембуршки автор, сатиричар и новинар. По завршувањето на средното училиште, студирал психологија во Стразбур и работел, меѓу другото, како училиштен психолог и наставник во основно училиште.
Од деведесеттите години објавува поезија и проза во различни антологии и списанија во Германија и во Луксембург.
Во 2000 и 2001 година бил награден од Concours Littéraire National за краток расказ, односно песна. Набргу потоа, се свртел кон поетската слем сцена и во следните години имал над петстотини слем и читачки сценски настапи низ германското говорно подрачје.
Основач, издавач и уредник на литературното списание „EXOT“ од Бон, во периодот 2005 до 2014 година.
Од јануари 2014 година пишува сатирични написи за германскиот весник „Таз“.
Основач е (2020) и од април 2023 година потпретседател на новото здружение на писатели од Луксембург A.LL Schreftsteller*innen.
Во 2020 година ја добива наградата Servais и Наградата за литература на Европската Унија за книгата „Мутации“. Досега има објавено три збирки раскази и еден роман. Kнигата „Мутации“ е преведена на 5 јазици.
Мутации
Превод од германски: Ксенија Чочкова
„Мутации“ се 7 приказни и 1 песна, секоја базирана на класичен текст, од Црвенкапа до Вирџинија Вулф!
Домашната мува Леон Зумса се буди едно утро и се наоѓа себеси преобразена во „монструозен ‘рбетник“, односно човечко суштество. Лавот од сатирата на Курт Тухолски „Лавот избега!“ мутира во поларна мечка која го истражува хипстерскиот Берлин. Моделот на статуата на Венера од приказната на Проспер Мериме „La Venus d’Ille“ работи како млад роб во „фирма“ која покажува неверојатни паралели со денешниот работен свет. „Анегдотата од последната пруска војна“ (Клајст) е поместена во иднината, каде што последните четири луѓе се борат едни против други. „Повикувањето на големата мечка“ на Ингеборг Бахман е вкрстено со митот за Чулу на Лавкрафт и резултатот е песна што потсетува чудно на Готфрид Бен.