Панел во чест на светското одбележување на стогодишнината од смртта на Франц Кафка (1883 – 1924)
Делото на Кафка ги потопува читателите во неговото – на моменти надреално – на моменти хиперреално – царство, преполно со егзистенцијални нервози и бирократски апсурди, создавајќи длабоко лично искуство, колку за читателите, толку и за преведувачите.
Преводот е предизвик кој соочува со гласот на Кафка и суптилните нијанси на неговиот јазик, така што толкувањата во овој домен можат значително да го променат значењето и влијанието на неговите приказни. Секое ново читање на Кафка воведува нови перспективи, преведувањето наметнува варијации во тонот, тематскиот фокус и темпото, одразувајќи ја и перспективата на преведувачот, обликувајќи како читателите го разбираат текстот. Таквата динамика покажува дека творештвото на Кафка ги искушува лингвистичките бариери, се развива со секој нов превод, и воедно добива нови димензии преку различните читања и интерпретации, креирајќи повеќеслојно книжевно искуство.
Во дебатата учествуваат: проф. д-р Зорица Николовска, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р. Соња Стојменска-Елзесер, проф. д-р Бенјамин Лангер (Германија), проф. д-р Јасмина Делова-Силјанова, Бобан Здравковски Андреевски.
Настанот ќе го модерира м-р Жарко Кујунџиски.