Во 2022 година издавачката куќа „Антолог“ ја востанови наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик. Првото почесно издание му беше доделено на проф. д-р Драги Михајловски, писател, преведувач, есеист и професор чие име ја носи наградата.
Во 2023 година беа номинирани 39 преведувачи од 17 издавачки куќи, а бројката во 2024 година е зголемена на 40 преведувачи и 43 дела во превод на македонски јазик, од 18 издавачки куќи или поединци. Опфатени беа четириесет странски автори од сите жанровски категории – романи, раскази, поезија, книги за деца, драми. Сето тоа сведочи за разгранета и опсежна преведувачка продукција, но и за многу силна конкуренција.
Освен тоа се доделува и интернационална награда „Драги“, која годинава ја добива Бенјамин Лангер, универзитетски професор и преведувач, за преводот на безвременскиот роман „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Идејата беше поттикната од фактот дека во 2024 се одбележуваат 90 години од раѓањето на авторот, како и 44 години од објавувањето на неговиот најпознат роман, кој во бравурозно изработен превод на германски јазик го објави престижната издавачка куќа „Гуголц“ од Берлин. Романот предизвика голема реакција на книжевен план меѓу германската публика. Во една од рецензиите кон делото, авторот Мирко Шваниц забележа: „Јазикот на Андреевски е цврсто вкоренет во руралниот дијалект на родното село, со што романот си обезбеди место во светската литература. Преведувачот Бенјамин Лангер успеа да ја преведе на германски идиосинкратичната и строга убавина на овој јазик толку префинето што веќе може да се смета за кандидат за Лајпцишката книжевна награда.“
Тричлената комисија за доделувањето на наградата ја сочинуваат д-р Јана Михајловска (претставник од семејството на Драги Михајловски), д-р Зорица Николовска (претставник предложен од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“) и Владимир Јанковски (претставник предложен од издавачката куќа „Антолог“).
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуетка „Драги“ како и со паричен дел кој изнесува 30 000 денари.
Петте финалисти за 2024 година се:
- Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание на Антолог, 2024 година;
- Ѓоко Здравескиза преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на Бегемот, 2024 година;
- Екатерина Бабамоваза преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на Артконект, 2023 година;
- Елисавета Поповсказа преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на Илика, 2024 година;
- Ирена Јурчеваза преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, издание на Паблишер, 2023 година.