„ПИСАТЕЛОТ ЗБОРУВА “ – СВЕЧЕНА РЕЧ НА РУМЕНА БУЖАРОВСКА ПОД НАСЛОВ „КАДЕ СМЕ СЕГА“
Од 2022 година, почетокот на фестивалот е означен со моќните мисла и зборови на реномираните македонски писатели. За таа цел, секој од нив подготвува кус пригоден текст со кој фрла поинаква светлина врз сопственото творештво, но поставува и вертикала на книжевниот и општествен контекст во (не)времето што го живееме, а во дослух со фестивалската тема. Бидејќи фестивалите постојат за да се слушне гласот на писателите. Авторот што годинава ќе се обрати пред скопската публика е Румена Бужаровска, која не само што е актуелна со нејзината збирка есеи туку отсекогаш била и гласноговорник против општествените аномалии.
КНИЖЕВНА СТУДИЈА ЗА ТРАУМАТА И ИСТРАЈНОСТА
Разговор со авторките Паола Перети (Италија) и Мирженка Чехова (Чешка)
Во книжевноста, траумата честопати служи како критичка леќа низ која се разгледува истрајноста на ликовите. Автор(к)ите ја прикажуваат траумата како длабока сила што ја предизвикува (и разнишува) психолошката и емоционалната стабилност на ликовите, обликувајќи ги нивните наративи. Ова не само што ја нагласува катарзата што следува туку фрла светло врз нивната издржливост. Кој е мотивот да се продолжи доколку она што најмногу ви значело во животот одеднаш ве разочара?
Романот „Балерини“ на Мирженка Чехова е токму таков: базиран врз лично искуство, се развива околу школувањето на млада девојка на балетски конзерваториум во Прага во 1990-те години. Приказната е раскажана непретенциозно, а нејзината појава предизвикала сериозни дебати во балетскиот свет во Чешка и побудила контрадикторни реакции кај читателската публика – од осудувања за оцрнување на класичниот балет, до поттик за сериозно преосмислување на практикувањето на оваа уметност.
Траумата и истрајноста се сложено поврзани, зашто првата често ја поттикнува втората, истовремено давајќи им глас на ликовите да се соочат и да ги надминат своите ограничувања. Траумата е најчест демнач на детската разиграна душа, чие дејство остава лузни во развојот на самата единка. Стапнувајќи во светот на деветгодишната Мафалда, авторката Паола Перети ни ја прикажува Старгардовата болест која предизвикува губење на видот и слепило. Мафалда води дневник – во него ги запишува сите нешта што нема да може да ги прави. Но, дознава дека постои и поинаков начин на гледање – учи да го гледа светот со своето срце.
Литературата дава нијансирано разбирање за тоа како траумата влијае на истрајноста, нагласувајќи го контактот меѓу страдањето и преживувањето, а читателите стекнуваат подлабоко вреднување на нескротливиот дух спротивставен со неволјата.
Настанот ќе го модерираат Билјана Црвенковска и Драгица Стаменковиќ.