Во 2023 година „BookStar“ беше првиот книжевен фестивал во нашата држава кој понуди превод на дел од настаните на знаковен јазик. Годинава одиме чекор понатаму. Се погриживме книгата „Чекорите на црешовото дрво“ од Паола Перети, авторка што ќе гостува на Фестивалот, и која и самата се соочува со постепено губење на видот, да биде достапна на Брајово писмо. Зад ова не се крие само некаква симболика, туку и мисија убавата и квалитетна литература да не остане во мрак за ниту една категорија читатели.
Бидејќи статистиките покажуваат недостиг од ваков вид книги во јавните установи, примероците на „Чекорите на црешовото дрво“ на Брајово писмо ќе бидат донирани и дистрибуирани во неколку библиотеки низ Македонија.
Исто така, во соработка со „Самоглас“ деновиве излегуваат и неколку аудиокниги, меѓу кои „Чекорите на црешовото дрво“ од Паола Перети и „Невидлив“ од Елој Морено, која зборува за врсничкото насилство.
Се надеваме дека тука нема да застанеме и дека ова ќе биде пример од кој сите ние ќе научиме повеќе.
ИНКЛУЗИВНА ИНИЦИЈАТИВА „РАЦЕ КОИ ЗБОРУВААТ“
Постои јазик кој не се говори со уста туку со раце и тој ни помага да комуницираме со глувите и наглувите луѓе. Тие се дел нашата заедница и целта на Фестивалот „BookStar“ е да ги вклучи во своите активности. Преку оваа инклузивна иницијатива и преку соработката со „Talking hands“, oдносно „Раце што зборуваат“, дел од настаните ќе бидат достапни и за лицата со делумна или целосна попреченост да слушаат. Наша заедничка задача е да бидеме отворени за сите наши сограѓани.
Побарајте го знакчето на „Talking hands“ во програмата за да увидите кои настани се инклузивни.
„Тalking hands“ или „Раце кои зборуваат“ е проект кој е резултат на долгогодишната соработка помеѓу Здружението за глуви и наглуви – „Тишина“ – Карпош и Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ во партнерство со фондацијата „Сигно“ од Норвешка. Проектот има две компоненти и тоа:
– Создавање македонски знаковен речник (www.znakoven.mk)
(знаковниот речник е создаден и одобрен од глувата популација во Македонија.);
– Обезбедување повеќе работи места за глувата популација во мешана средина и нивна социјализација (глуви лица и лица што слушаат) www.ovosen.mk.
Повеќе на: https://znakoven.mk/