Креативно-пишувачката работилница „Другарче“ на годинешниот „BookStar“ ќе биде во знакот на детската имагинација! Ќе опишуваме и цртаме омилен лик, другарче создадено од фантазијата, но и од можната реалност.
Во книгата, малиот Тичен има замислено другарче со кое прави секакви авантури, но и бели. Неговиот живот има две реалности – една во која царуваат неверојатните улоги на Другарче и друга, во која тој е момче кое е прекорувано дека не живее во овој свет. Книга во која се отвораат главните прашања за детската трансформативност, можност да се создаде нов свет од сè што ќе си замислиме. За ранливата детска психологија и колку треба да сме ние, родителите, возрасните и воопшто луѓето – отворени кон оние што се различни од нас. Да сослушаме, да ѕирнеме во тие мали креативни вијуги во детскиот ум кои на крајот, го (ре)создаваат светот.
Настанот ќе го води Ана Голејшка Џикова.