Јон Калман Стефансон
НАГРАДА „BOOKSTAR“ 2024
ИСЛАНД
Јон Калман Стефансон (1963) е исландски писател и преведувач. Преку своето творештво креирал уникатен и волшебен свет. Како поет и романсиер е еден од најистакнатите современи исландски книжевни гласови. Досега има објавено тринаесет прозни дела, пет поетски збирки и пет преводи на исландски меѓу кои и едно дело на Чарлс Буковски. Неговите книги се издадени во триесет земји од целиот свет.
Детството го минува на релација меѓу Рејкјавик и Кеплавик, но по завршувањето на средното образование останува во Рејкјавик. Добар дел од младоста живее во западниот дел на Исланд испробувајќи најразлични професии – работел во кланица, во риболовната индустрија, бил ѕидар, а едно лето работел како полицаец на Меѓународниот аеродром „Кеплавик“. Се запишал на студии по литература, но по пет години се откажал од студиите. Извесен период живеел во Копенхаген, каде времето го поминувал во читање и физичка работа. По враќањето во Рејкјавик се вработува во библиотеката на градот Мосфетлспајр, близу Рејкјавик.
Неговото прво издадено дело е збирка поезија од 1988 година. Од 2000, Стефансон целосно е посветен на својата писателска кариера. Во 2005 ја освојува „Исландската награда за литература“. Својот интернационален пробив го прави со трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“ за која има добиено огромен број меѓународни признанија и награди.
По големиот интернационален успех, три од неговите дела биле номинирани за Книжевната награда на нордискиот совет. Во 2011 ја добил наградата „Пер Улов Енквист“ на Саемот за книга во Гетеборг.
Трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“ ги истражува длабочините на очајот за да ја прослави спасителната моќ на пријателството. Сместен на крајот од XX век, овој роман нуди читателско искуство што е толку интензивно како и силата на исландските пејзажи.
Фалбите што ги добива авторот за ова дело не се претерани: оваа фасцинантна приказна за Исланд и за неговото минато е безвремена одисеја, лирска медитација за животот и смртта, за рајот и пеколот што ги носиме во себе.
Значајни признанија :
- Награда за „Најдобра странска книга“ организирана од „Франс интер“ и „Ле поинт“,
- Витез од „Редот на соколот“, Исланд 2020,
- Вклучен во шорт-листата на книги за меѓународната награда „Букер“,
- Добитник на наградата за превод „Оксфорд-Вајденфелд“,
- Добитник на Награда за најдобар странски роман „Лир“,
- Добитник на наградата „Millepages“…
Живее во Мосфетлспајр каде што неуморно пишува.
„На осумнаесет години сонував да станам астронаут откако гледав една емисија во која Карл Саган зборуваше за универзумот. Бев целосно обземен од тоа богатство и од мистериите на универзумот – подоцна сфатив дека тоа е, на некој начин, и суштината на фикцијата.“
Помеѓу рајот и пеколот
Превод: Ѓурѓица Илиева
„Антолог“, Скопје, 2017
Во еден далечен предел на Исланд, млад човек се придружува на брод со рибари. Кога ќе ги фати бура на отворено море, тој е збунет од студената рамнодушност на неговите колеги. Скршен поради тоа, скришно ги напушта, со една единствена цел, да ја врати книгата на слепиот стар морски капетан што живее зад гори и планини. Штом ќе пристигне во градот, открива дека не е сам во својата самотија: пречекан е во топлиот круг на маргиналците, каде што почнува да го гледа животот со други очи.
Солзите на ангелите
Превод: Ѓурѓица Илиева
„Антолог“, Скопје, 2018
„Солзите на ангелите“ е моќна приказна што потсетува на вечната борба на човекот против безмилосното величество – природата!
Додека селаните се собираат во крчмата за да пијат жесток алкохол, момчето им чита извадоци од „Хамлет“. Еден ден таму влетува поштарот Јенс, полумртов и смрзнат до коска.На следното патување кон фјордовите, тој го поведува и момчето со себе бидејќи има потреба од некој што не се плаши од морето. Двајцата ќе се најдат во ситуација да го ризикуваат животот еден за друг, и тоа поради една невообичаена пратка! Снегот е „солзите на ангелите“ и тој паѓа ли паѓа и се обидува да ги препокрие и хероите на оваа волшебна книга.
Срцето на човекот
Превод: Ѓурѓица Илиева
„Антолог“, Скопје, 2022
Откако ќе се спасат од снежната бура која безмалку ги чини живот, Јенс и момчето ќе се најдат далеку од дома, во една рибарска заедница на крајот од светот. По престојот во домот на селскиот доктор, момчето повторно има чувство како да е вратено од мртвите. Но, ова е чудно место, со жители кои како да не припаѓаат на овој свет. Меѓу нив е и Алфхеидур со огнената коса, поради која тој се запрашува дали е можно да се биде вљубен во две жени истовремено; тој верува дека срцето му е ветено на Рагнхеидур, ќерката на богатиот трговец во селото во кое тој мора секако да се врати.
Со дејство во дивината на екстремниот север која предизвикува страхопочит, „Срцето на човекот“ е длабоко истражување на животот, љубовта и желбата, напишана со возвишена едноставност. Во овој заклучок на смелата трилогија, Стефансон го вклучува своето поетско око и философски увид во приказна која е рамноправна со дамнешните писатели на саги.