ПОРТУГАЛИЈА

Жозе Луиш Пејшото (1974) е португалски прозаист, поет и драматург. Досега има објавено тринаесет прозни книги, четири збирки поезија, два патописи и две книги за деца. Неговите дела се преведени на повеќе од триесет јазици. Го сметаат за еден од најталентираните современи португалски автори. Добитник е на многу национални и меѓународни награди меѓу кои и наградата „Жозе Сарамаго“.

Роден е во мало гратче во областа Алентежо. Студирал современи јазици и книжевност на Универзитетот „Нова“ во Лисабон. По студиите бил наставник во Португалија и во Зелен ’Рт. Своето прво дело го издал во 2000 година. Од 2001 година професионално се занимава со пишување.

Со издавањето на романот „Празен поглед“, Жозе станува намладиот добитник на наградата „Жозе Сарамаго“, која се доделува секои две години за најдобриот роман напишан на португалски јазик. Прогласено за едно од најдобрите книжевни дела на деценијата, делото доживеало голем интернационален успех и се номинирало за сите литературни награди во Португалија. Во 2003 година, ја пишува збирката кратки раскази „Противотров“ во соработка со португалскиот хеви-метал бенд „Мунспел“ со што доживува голем успех и кај музичката публика.

Добитник е и на наградите:

  • „Најдобар странски роман издаден во Шпанија“ за книгата „Гробиштата за пијано“ во 2007 година,
  • Наградата „Даниел Фарија“, која се доделува за најдобра збирка поезија во Португалија издадена од поет помлад од 35 години,
  • „Најдобра поетска книга во Португалија“,
  • Наградата „Салерно“ за делото „Книга“ – книга на Европа за 2013 година,
  • Наградата „Океанос“ за најдобар роман во португалското говорно подрачје,
  • „Најдобар странски роман преведен на Јапонски“ во 2019 година.

Често издава патописи за најпознатите списанија за патувања во Португалија и Бразил.

 „Добрите автори секогаш носат нешто ново и со тоа го менуваат ликот на литературата. Историјата на литературата е долга, многу е испишано низ вековите и во сите култури. Тешко е да се најде нешто кое не е испишано претходно. Дел од мојот начин да се справам со тоа е да го користам личното искуство како тема.“

Книга

Превод од португалски: Ненад Трповски

„Антолог“, Скопје, 2024

Една мајка му дава книга на своето дете и му вели дека набргу ќе се врати. Таа никогаш не се враќа. Илидио ќе порасне во внатрешноста на Португалија и ќе се вљуби во прекрасната Аделајд. Но парот се разделува. Девојката ќе замине во Франција и со себе понесува само книга што ја добива на подарок – истата онаа што ќе му ја остави мајката на Илидио пред многу години. Аделајд ќе се омажи и тоа повторно со посредство на книгата, но нејзиниот маж е позаинтересиран за политиката отколку за сопругата. Илидио се решава да отпатува во потрага по својата поранешна девојка, оставајќи го Жозуе, човекот што го израснал.

„Книга“ е летопис за руралниот егзодус во кој над милион португалски емигранти трагаат по својата среќа во периодот меѓу 1960 и 1974 година.

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment