ЧЕШКА

Мирженка Чехова (1982) е една од најинтересните претставнички на современиот експериментален балетски и физички театар во Чешка, режисерка и изведувачка на перформанси, кореографка, универзитетска професорка и писателкa. Како мултидисциплинарен артист има зборувано на ТЕД-конференцијата во Прага и била програмски директор на Чешкиот центар во Њујорк. Има коосновано две театарски компании: „Спитфајр компани“ и „ТантеЛаб“ каде што работи со независни, мултидисцилпинарни артисти. Нејзиниот творечки опус опфаќа и две книжевни остварувања: „Мис АмериКа“ (2018) и „Балерини“ (2020).

Завршила балетски конзерваториум во Прага, отсек класичен балет, а следела и студии по алтернативен театар и невербален театар, здобивајќи се со две магистерски титули. Во 2012 година одбранила докторат од областа на режија на физичкиот и мимичкиот театар. Како добитник на Фулбрајтова стипендија извесен период престојувала во Вашингтон, САД, каде била и предавач. Има основано нов смер во физичкиот театар, комбинирајќи го физичкиот со театарскиот танц. Авторка е и учесничка на повеќе од дваесет сценски проекти во Чешка и во САД, кои експериментираат со различни изразни средства и за таа дејност е добитничка на низа награди и признанија. Во моментов живее на релација Прага-Њујорк. Во моментов подготвува театарски проекти за детска палијативна нега и пишува нова книга за човековото тело.

Обете книжевни дела што ги објавила послужиле како предлошки за танцово-сценски перформанси. Театарскиот перформанс „Госпоѓа АмериКа“ подоцна бил номиниран за наградата „Талија“, која се доделува на најдобри театарски актери во Чешка. Во 2022 се случила и премиерата на драматизацијата на романот „Балерини“ во вид на мултимедијален сценски проект, кој комбинира анимација, филм, музика во живо и балет. Проектот сè уште е на репертоарот на театарот „Палата Акропол“ во Прага. За оваа книга Чехова била номинирана за Наградата за литература на Европската Унија и за наградата „Театарски весник“.

„Кога си дете, некои работи што ти се случуваат не ги разбираш како екстремни – само го прифаќаш текот на нештата. Екстремноста станува ’екстремна‘ многу подоцна, кога можеби си возрасен и имаш увид на ситуацијата од дистанција.“

 

 

 

Балерини

Превод од чешки: Соња Стојменска-Елзесер

„Антолог“, Скопје, 2023

Роман за контроверзите на образованието и практиката на класичната балетска уметност. Базирана врз личното искуство на авторката, приказната се развива околу школувањето на млада девојка на балетски конзерваториум во Прага во 1990-тите години. Осамостојувањето на рана возраст, предизвиците на големиот град, жртвите за посакуваниот идеал, постојаниот физички и ментален напор, строгата и непотполна едукација, секојдневните прегладнувања, дрогите и алкохолот… Се покажува дека возвишената балетска игра има потресна позадина. Појавата на оваа книга предизвикала сериозни дебати во балетскиот свет во Чешка и побудила контрадикторни реакции кај читателската публика: некои ја осудуваат за оцрнување на класичниот балет, а други ја доживуваат како поттик за сериозно преосмислување на практикувањето на оваа уметност.

 

Напишете коментар

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Post comment