МАКЕДОНИЈА
Румена Бужаровска (1981) е македонска писателка, професорка, преведувачка и активистка за женските права. Живее и работи во Скопје каде што се занимава со книжевен превод од англиски на македонски (Џон М. Куци, Луис Карол, Труман Капоти, Ијан Рид, Фланери О’Конор) и предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Авторка е на четири збирки раскази: „Чкртки“ (2007), „Осмица“ (2010), „Мојот маж“ (2014) и „Не одам никаде“ (2018), збирка документаристичка проза „Господ, па Америка“ (2024), книгичка кратки фикции „Спиј“ (2017), книгата за деца „Што виде бубамарата?“ (2021) како и студија за хуморот во книжевноста: „За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот“. Заедно со група автори со земјите од поранешна Југославија таа е автор на делото „Дневник 2020“. „Мојот маж” се здоби со молскавичен интернационален успех, добивајќи голем број интернационални признанија.
Книгите на Бужаровска се преведени и објавени на петнаесетина јазици, а расказите од „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ се поставени на шест театарски сцени во земјата и во странство. Збирката „Мојот маж“ се изведува на четири театарски сцени во земјата и регионот: „Драмски театар“ во Скопје, „Југословенско драмско позориште“ во Белград, „Словенско народно гледалишче” во Љубљана и куќа на современа уметност „Трафо“, Будимпешта.
Во 2016 беше прогласена за еден од најинтересните писатели во Европа (Ten New Voices of Europe) во рамките на платформата „Literary Europe Live“. Добитничка е на хрватската регионална наградата „Едо Будиша“. Таа е соосновачка на иницијативата за раскажување женски приказни „ПичПрич“ и на поткастот „Радио Милева“.
„Расказот го доживувам како подемократска форма на изразување, зашто им дава простор на повеќе гласови и феномени. За жал, реалните состојби на постојан апсурд многу инспирираат, но кога ќе ги ставите фактички на хартија, тие не се ништо посебно. Фикцијата е обично поефективна, зашто овозможува дистанцирање и одново критичко согледување на реалноста.“
Господ, па Америка
„Три“, Скопје, 2024
Спомени, мириси, слобода. Отуѓеност, страв, стереотипи, пушки. Америка е синтеза. Точка на вриење. Почнувајќи од нејзиното најрано детство во Аризона и американските училишта, па сè до средби кои го менуваат животот, како онаа со Филис Роуз, и сите останати познанства, дури и оние кои не стигнале да се продлабочат. Во овој свет во кој е невозможно да се остварат долготрајни пријателства, што, пак, создава друга болка – осаменоста, тешко е човек да се присетува. А камоли да напише длабоки есеи, кои не се само критика или лично видување туку се и вонвременски дневник кој бара соголување на душата. И на безмилосната стварност, токму како што и самата Америка некогаш нема милост.