Ве известуваме дека жири комисијата за доделувањето на наградата „Драги“ се одлучи во вториот круг на селекција да влезат 10 преведувачи со изданија објавени од 7 издавачки куќи:
- Алида Муча за преводот од албански јазик на „Премин во времето“ од Миѓен Келменди, во издание на Темплум.
- Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на Артконект.
- Давор Стојановски за преводот од словенечки јазик на „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли во издание на Антолог.
- Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на Артконект.
- Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на Бегемот.
- Јовица Ивановски за преводот од српски јазик на „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ во издание на ПНВ Публикации.
- Катерина Јосифоска за преводот од германски јазик на „Тил“ од Даниел Келман во издание на Артконект.
- Катица Гаровска Ацевска за преводот од бугарски јазик на „Абсолво те“ од Георги Бардаров во издание на Полица.
- Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на Артконект.
- Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 39 преведувачи со книги објавени од 17 издавачи и две приватни изданија. Во првиот круг влегоа 19 преведувачи од 9 издавачки куќи и едно приватно издание. Жири комисијата е во состав Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач).
Прва интернационална награда „Драги“
Освен главната награда комисијата и организаторите одлучија од годинава да се доделува и интернационална награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик. Тие сметаат дека со воведувањето на оваа категорија како традиционална ќе се создаде сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски со голем усет да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот.
Земајќи го предвид нивото на преводот, но и другите параметри важни при појава на одреден превод во друга културна средина (рецензии, влијателност, интерес за авторот, препознатливост, зголемување на интеркултурниот дијалог, итн.) жирито се одлучи годинава со интернационалната награда „Драги“ да биде награденa превeдувачката Александра Јоаниду од Грција за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик, во издание на „Гутенберг“. Станува збор за првиот превод од македонски автор на грчки јазик на кој е наведено дека јазикот на оригиналниот е македонски.
Книгата долго време фигурираше како една од најчитаните во Грција, каде што авторката имаше и бројни интервјуа – за „Катимерини“, „То Вима“, „Ефимерида тон синдактон“, за „Лајфо“, итн. На Саемот на книгата во Солун во мај годинава читањето на Бужаровска беше едно од најпосетените и таму првпат се прозборува на македонски јазик на официјален јавен настан. По успехот на „Мојот маж“, излезе и преводот на „Не одам никаде“, а во подготовка е „Осмица“, сите во превод на Александра Јоаниду. „Мојот маж“ ќе доживее и своја театарска поставка во Theseum Theater во Атина од страна на режисерката Марија Маганари.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.