Ве известуваме дека во текот на вчерашниот ден се состана тричлената комисија за доделувањето на наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“. Комисијата ја сочинуваат Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач). На конститутивната средба, членовите на комисијата ги разгледаа доставените книги и имаа консултативен разговор во врска со процедурата околу изборот и начинот на работа на комисијата.
За наградата „Драги“ се номинирани 39 преведувачи од 17 издавачи и две приватни изданија:
- Алида Муча за преводот од албански јазик на „Премин во времето“ од Миѓен Келменди, во издание на Темплум.
- Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на Артконект.
- Ацо Пероски за преводот од англиски јазик на „Далеку од Ирска“ од Вилијам Тревор во издание на Или-или.
- Билјана Китановска за преводот од српски јазик на „Прелест“ од Филип Грбиќ во издание на Перун артис.
- Бисера Бендевска за преводот од англиски јазик на „Ноќта пред Божиќ во земјата на чудата“ од Карис Бексингтон во издание на Арс Ламина.
- Василија Теофилова за преводот од англиски јазик на „Деана (Оние што не се гледаат)“ од Норма Данинг во издание на Полица.
- Виолета Јагев за преводот од шпански јазик на „Невидлив“ од Елој Морено во издание на Антолог.
- Давор Стојановски за преводот од словенечки јазик на „Пчелно семејство“ од Ања Мугерли во издание на Антолог.
- Дарко Спасов за преводот од словенечки јазик на „Стаклени пламени“од Цветка Бевц во издание на ИД-Концепт консалтинг и дизајн.
- Дејан Василевски за преводот од српски јазик на „Капут од мов“ од Стефан Тиќми во издание на Арс Либрис.
- Ѓоко Здравески за преводот од хрватски јазик на „Санг“ од Ален Брлек во издание на ПНВ Публикации.
- Ѓургица Илиева Нацкова за преводот од англиски јазик на „Мачкино око“ од Маргарет Атвуд во издание на Антолог.
- Елизабета Линднер за преводот од германски јазик на „Избрана поезија“ од Софи Рајер во издание на Арт Еквилибриум.
- Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Градина од стакло“ од Татјана Цибуљак во издание на Арс Либрис.
- Звонко Димоски и Наташа Забрчанец за преводот од турски јазик на „Не кажувај никому“ од Гонџа Озмен во издание на ЗРР Локална Акциона Група Агро Лидер Кривогаштани.
- Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на Артконект.
- Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на Бегемот.
- Иванка Апостолова Баскар за преводот од словенечки јазик на „Четири драми“ од Симона Семенич во издание на Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.
- Игор Котески за преводот од англиски јазик на „Брачниот портрет“ од Меги О’Фарел во издание на Арс Ламина.
- Илир Ајдуни за преводот од албански јазик на „Нема мапа за удавените“ од Ариан Лека во издание на Перун артис.
- Јовица Ивановски за преводот од српски јазик на „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ во издание на ПНВ Публикации.
- Јордана Шемко Георгиевска за преводот од албански јазик на „Записите на црвот смолински“ од Азем Делиу во издание на Перун артис.
- Катерина Јосифоска за преводот од германски јазик на „Тил“ од Даниел Келман во издание на Артконект.
- Катица Гаровска Ацевска за преводот од бугарски јазик на „Абсолво те“ од Георги Бардаров во издание на Полица.
- Ксенија Чочкова за преводот од германски јазик на „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер во издание на Арс Либрис.
- Лара Прокопиева за преводот од шпански јазик на „Во понеделник ќе нѐ сакаат“ од Наџат ел Хачми во издание на Антолог.
- Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Сите војни на Лара“ од Војќех Јагелски во издание на Славика либрис.
- Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на Артконект.
- Максим Каранфиловски за преводот од руски јазик на „Во спомен на спомените“ од Марија Степанова во издание на Бата Прес.
- Марија Гиревска за преводот од англиски јазик на „Џакомо Џојс“ од Џејмс Џојс во издание на Марија Гиревска.
- Милица Миркуловска за преводот од полски јазик на „Гласот на Господарот“ од Станислав Лем во издание на Антолог.
- Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации.
- Никола Кузманоски за преводот од англиски јазик на „Повикот на Ктхулху и други ужасии“ од Х.Ф. Лавкрафт во издание на Никола Кузманоски/Полиграматон.
- Никола Маџиров за преводот од англиски јазик на „Арарат“ од Луиз Глик во издание на Артконект.
- Сања Михајловиќ-Костадиновска за преводот од шпански јазик на „Книга од соништа“ од Хорхе Луис Борхес во издание на Бегемот.
- Сашо Огненовски за преводот од српски јазик на „Деца“ од Милена Марковиќ во издание на ПНВ Публикации.
- Снежана Стојчевска за преводот од српски јазик на „88“ од Надија Реброња во издание на ПНВ Публикации.
- Томе Сиљаноски за преводот од англиски јазик на „Вистина“ од Том Филипс во издание на Арс Либрис.
На состанокот со задоволство беше констатиран исклучително високиот интерес на преведувачите и издавачите за конкурсот на наградата „Драги“ која треба да ја стимулира преведувачката дејност и да го подигне квалитетот на преведените дела.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.