1. Што претставува за Вас иницијативата за наградата „Драги“?
Минатата година, кога се востанови наградата „Драги“, почувствував радост и одобрување. И тоа од две причини: прво, затоа што оваа награда го носи името на мој колега од Филолошкиот факултет, професорот Драги Михајловски, кој со својата преведувачка дејност постави референтни вредности во доменот на преводот на македонско тло и на македонски јазик. Јас ја имав честа лично да го познавам и со него да водам разговори во коишто тој внесуваше исклучително пријателска атмосфера. Второ, затоа што со востановувањето на оваа награда, се прекина вакуумот кој настана по замирањето на неколкугодишните награди за најдобар превод што ги доделуваше Сојузот на литературните преведувачи на Македонија. Наградата „Драги“ јас лично ја доживувам како пандан и продолжеток на наградата „Божидар Настев“ која се доделуваше за најдобар превод на македонски јазик реализиран во последната година. Професорот Божидар Настев, исто така, предаваше на Филолошкиот факултет и има остварено значајни преводи на дела од француски писатели. Двете награди се впишуваат во еден значен континуум, бидејќи и двајцата професори создадоа преводи кои, може да се каже, веќе претставуваат класици – сметам дека овој квалификатив за одредена уметничка творба која го преживеала и надживеала своето време благодарение на своите квалитети подеднакво може да се користи и за преводот кој е исто така авторска творба и, доколку е квалитетен, по извесно време станува класик.
2. Колку се важни наградите во вашата работа?
Доколку зборуваме за награди од доменот на преведување книжевни текстови, можам да кажам дека ми се значајни и драги, но не се пресуден мотив кога треба да започнам со превод на некоја книга. Јас сум добитник на две награди „Божидар Настев“: во 2010 година за превод на делото „Подрумите на Ватикан“ од Андре Жид и во 2013 година за превод на делото „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло. И во двата случаи признанието за мене дојде како своевидно изненадување, бидејќи дури и не знаев дека моите преводи се во изборот за оваа награда, и наградата беше, секако, доживеана како голема сатисфакција, како потврда дека стручни луѓе ви оддаваат признание. А кога признанието доаѓа од стручната фела, каде што знаете дека се во игра високи критериуми за оценка, немирната перфекционистичка совест конечно може да се смири и да здивнете. Секој книжевен преведувач (вклучително и јас) кој својата работа си ја работи искрено, со љубов и професионално, во текот на самиот преведувачки процес единствено е воден од тој мал перфекционистички глас кој постојано го турка да трага по што е можно подобри и посоодветни преведувачки решенија. Наградите доаѓаат како признание дека успеал во таа потрага.
3. Какви предизвици носи книжевниот превод?
Убедена сум дека книжевниот превод бара стручност, исто како што треба да биде стручен и преведувачот од областа на, да речеме, егзактните науки. Книжевниот превод бара книжевна потхранетост од страна на преведувачот, а тоа значи тој да биде не само голем читател туку и „воведен“ читател – да има извесни познавања и од историјата на литературата (следот на правци и поетики), но и од литературната историја (литературните дела во колерација со културно-општествениот контекст на своето време и со историјата на идеите). Често пати, и самиот превод ќе ве води во откривањето на тие корелации; преведувањето на одредени книжевни текстови, (повторувам – доколку му пријдете професионално), од преведувачот бара цели придружни истражувачки потфати, своевидна енциклопедиска работа преку консултација на литература која открива одредена општествена состојба карактеристична за времето кога е создадено делото. Ако сакате, на пример, успешно да го преведувате Балзак, не само што треба да го познавате историскиот контекст на надојдувачката буржуарска класа која се етаблира во доминантна, туку и да се запознаете со облиците на циркулацијата на капиталот и системот на лихварство кој ја одредувал економијата во тој период, исто како што, за да ја доловите сликовитоста на буржуарските интериери, описи во коишто Балзак е ненадмилив, треба да истражите кои видови порцелани и есцајг им биле омилени на сопствениците на салони (како своевиден белег за нивниот општествен статус), каде биле произведувани, со каква техника, од кој материјал итн.
4. Потребна ли е некаква подготовка пред да се почне со преведување? Имате ли ваш ритуал?
Несомнено, преведувањето си има свој период пред, за време и по процесот. Подготовката, секако, подразбира делото да биде прочитано со достојно внимание, и да се соберат што е можно повеќе податоци за него од разни други извори, но и да имаме релевантни информации за самиот автор, а можеби уште повеќе за неговиот опус. Идеалниот случај би бил доколку сме прочитале повеќе дела од авторот бидејќи, честопати, кај добрите автори, делата во опусот се разгрането дрво и се хранат со соковите што доаѓаат од еден ист корен. Таков е случајот и со опусот на Ани Ерно. Во текот на преведувањето битно е да не се препуштиме на инерцијата и да не попуштиме пред притисокот на роковите како изговор дека не можеме да копаме подлабоко во потрагата по информации и соодветни преводни решенија. Периодот по издавањето на преводот е период на вслушување во реакциите на публиката, обид за стишување на возбудата со која сме преведувале и рационализација на резултатите што сме ги постигнале. Ако зборуваме за омилен дел од денот кога јас најмногу сакам да преведувам, тоа е наутро, покрај прозорец, со убав филџан кафе. Омилено место – Охрид.
5. Помага ли преводот во збогатувањето на јазикот и изразот?
Да, многу помага. Секако, потребно е добро да се познаваат и јазикот од кој се преведува и јазикот на кој се преведува, начинот на којшто тие јазици функционираат бидејќи, честопати, како што е мојот случај, преведувањето се изведува меѓу два несродни јазика коишто сосема поинаку систематизираат и воспоставуваат соодноси. Тоа збогатување е, од една страна, поединечно – личното познавање на јазикот и изразувањето се подигаат на едно повисоко рамниште; унапредувањето се случува на повеќе нивоа кои не се само од лексичка и структурална природа – на семантичко и фразеолошко ниво научувате да ги препознавате полисемичноста и игрите на зборови, да си поигрувате со нивната етимолошка и дијалектална природа, да создавате сугестивни неологизми, да барате корелативни културеми во двата јазика и сл. Од друга страна, на тој личен план комплементарно се надоврзува и колективниот план, убавото чувство дека со секое преведено дело придонесувате кон збогатувањето на сопствениот мајчин јазик.
6. Дали преводот е со поголем предизвик кога се преведува познат или омилен автор?
Најголем е предизвикот кога преведувате текст што ве привлекува, независно од тоа дали доаѓа од познат или помалку познат автор, од омилен или помалку омилен писател. Во моментов го преведувам теориско-есеистичкото дело „Задоволство во текстот“ од Ролан Барт, па ќе се обидам да ги искористам неговите метафори за да одговорам на ова прашање. Сакам да преведувам текст кој, не само што ми причинува задоволство туку во мене предизвикува и одредена возбуда; текст кој, низ своите „процепи“, ме предизвикува да го барам неговото тело, неговата скриена корпоралност; текст којшто е „граничен“ и ме заведува бидејќи ме кани на „разлистување на неговиот значенски потенцијал“, текст којшто ме искушува затоа што е, по малку, „невротичен“ бидејќи ме наведува на долги медитативни комбинаторики околу двосмисленоста, тросмисленоста итн. на некои негови сегменти (фамозното „А што сакаше писателот да каже?“); текст кој се претвара во вистинска страст бидејќи, и тогаш кога мислам дека не мислам на него, обидувајќи се да ги извршувам секојдневните обврски, тој е сепак тука, во задниот дел на главата, испливува кога шетам или вршам некоја домашна работа, и со задоволство им се препуштам на размислувањата како најсодветно да преведам некој збор, израз, сегмент… Конечно, превод од којшто имам што да научам!