РИТА МОНАЛДИ И ФРАНЧЕСКО СОРТИ
Италија
Писателите Рита Моналди (1966) и Франческо Сорти (1964) се брачен пар, автори на серијата историски книги „Имприматур“, „Секретум“ и „Веритас“. Живеат на релација Виена–Рим со своите две деца. Рита дипломирала класични студии, а специјализирала историја на религиите. Франческо Сорти дипломирал музикологија. Специјалист е за XVII век. Работеле како новинари.
Имприматур
Превод: Борјана Мојсовска, Лилјана Узуновиќ
ФАНТАСТИЧЕН СПОЈ НА УМБЕРТО ЕКО И ДЕН БРАУН!
11 септември 1683 година. Градот Рим е во неизвесност. Граѓаните чекаат информации за исходот од битката кај Виена, во која Отоманската Империја е пред портите на католичка Европа.
Во меѓувреме, една римска таверна е ставена под карантин поради сомнително ширење на чума. Меѓу заробениците е и мистериозниот Ато Мелани, шпион што му служи на францускиот крал. Со помош на едно момче, тој открива скришен премин што води до мрежа тунели под градот. Нивните ноќни талкања во римското подземје ќе ги одведат до изненадувачки откритија во однос на смртоносното непријателство меѓу папата Инокентиј XI и Луј XIV и до таен заговор за користење оружје за масовно уништување во битката меѓу исламот и Западот.
Со темелно истражување и со брилијантна замисла, „Имприматур“ содржи воодушевувачки откритија, кои биле криени со векови. Ова е вџашувачки трилер што фрла нова светлина на судирот на силите во Европа од XVII век, чии последици се чувствуваат до денес.
Кога била првпат објавена во Италија во 2002 година, книгата предизвикала огромен број контроверзии, била бојкотирана од италијанските медиуми и од сите издавачки куќи. Сепак, романот станал европски бестселер, преведен на 20 јазици и објавен во 45 држави. Досега се продадени повеќе од милион примероци.