ЏАМАЛ УАРИЈАЧИ
Холандија
Џамал Уаријачи (1978) е холандски писател. Роден во Амстердам, во холандско-мароканска семејна заедница. Студирал психологија, а неговиот главен литерарен пристап во романите е контроверзниот пристап преку кој зборува за современите општествени проблеми. Пред да почне да се занимава со пишување книги, долги години работел како онлајн-терапевт. Денес објавува романи, статии и колумни за голем број водечки медиуми. Автор на една третина од холандската книжевна трилогија напишана како одговор на „Педесет нијанси сиво“, заедно со Дан Херма ван Вос и Давид Пефко.
Глад
Превод: Ели Пујовска
„Глад“ е роман чија приказна навлегува во една општествена критика, паралелно водена од суптилна љубовна линија. Покрај мрачното сиже, ги гледаме и социјалните проблеми на нашето време. Холандскиот автор Џамал Уаријачи го базира романот „Глад“ на случајот со еден богаташ осуден за педофилија. Како е можно таков човек да падне толку ниско? Дали животот може да се сведе на: генерално лош или генерално добар? Главниот лик Лазло е познат филантроп, „холандскиот Боб Гелдоф“. Тој е обвинет за педофилија од страна на едно од неговите посвоени деца од Етиопија. Сега сака да напише книга за својот живот. Бара помош од Аурели, со која бил во љубовна врска пред да го уапсат. Дали извинувачки да ја раскаже својата приказна или да го објасни моментот на педофилија?
Лазло не е прикажан како класично импулсивен педофил, туку прво како човек, а потоа како злосторник. Авторот раскажува приказна за тоа до каде може да се движат екстремите на омразата и гадостите кај човекот.
„Глад“ е книга што се движи по тенката линија на шокантната веродостојност и фикција. Реалноста не мора да биде единствената опција. Ова е приказна за борбата против грчовитиот молк кон доминантните стравови и ставови во Холандија.
Награда за литература на Европската Унија за 2017 година.