Почитувани присутни, почитувани читатели, писатели, преведувачи, пријатели, почитувани организатори на Букстар, чест ми е што ми ја дадовте можноста да го отворам
овој фестивал.
Во своето дело За македонцките работи (1903), Крсте Петков Мисирков вели дека „Културната работа е потешка од револуционерната“ и дека „Културниот човек, за да има право да се нарече таков, треба да гради, а не да урива.“ Би додала, културната работа е исто така револуционерна – секако, во еден поинаков контекст од оној на кој мисли Мисирков.
Токму промената на контекстот е еден од факторите што се релевантни за писателската работа. Тоа можеме да го видиме и низ историјата на нашата книжевност.
Што направивме досега? Во повоените почетоци на литературата, тогашните генерации автори имале големо значење во описменување и култивирање на македонскиот народ. Тематските новости што ги внеле за нивната сегашност и непосредно минато, стилските и наративните експерименти ги означуваат нивните високи литературни дострели. Во следните децении писателите ги отворале темите за соочување со минатото, со болните доживувања на историјата преку низа ликови ставени во избрани историски моменти.
Промената на контекстот во текот на годините што следат до денес овозможува влез на нови теми и нови перспективи, и ја менува улогата на писателите во општеството, а ја менува и перцепцијата и на писателите и на читателите за улогата на литературата во животот. Тоа не е нешто што, барем кај мене, би предизвикало носталгија или ламентација. Напротив, ги гледам ваквите промени како убава придобивка што ги прошири хоризонтите на македонската книжевност.
Што правиме денес во поглед на ова? Ако „денес“ го прифатиме во поширока смисла, како периодот од последниве дваесетина години, македонската литература се зафати со
најразновидни теми – лични приказни кои одразуваат пошироки општествени теми, историски настани видени низ лична перспектива, актуелни општествени теми, истражување на фолклорот низ современи постапки, приказ на урбани пејзажи, нурнување во длабоко лични, психолошки и емотивни состојби, а светот на македонската литература излегува и надвор од националните граници да истражува други култури и начини на живот. Се третираат и теми што во извесна смисла во минатото биле табу, како што се квир темите, или темата за женската сексуалност, но не во онаа смисла на насилство и
доминација, што беше доминантен пристап во деведесеттите години, како што велеше познатиот стих „секс, дрога, насилство и страв“ – отсекогаш се прашував, што воопшто бара сексот во оваа комбинација – туку како моќна сила на себеистражување, љубов и поврзаност.
Последниве години се одбележани и со зголемување на популарноста на македонската литература меѓу читателите, како и со појавувањето на многу нови книжевни жанрови, за што особено значаен е новоовозможениот простор: литературните и мултимедиумските фестивали, списанијата и онлајн порталите од областа на културата, социјалните мрежи, воспоставувањето награди за литература, книжевни иницијативи, формирањето издавачки куќи.
Се менува и улогата на писателот во општеството, но и односот на писателите кон општеството. Сè повидливо се судираат различни гледишта преку медиумите, и особено преку социјалните мрежи, и ова многугласие ја отстрани или барем во голема мера ја смени претставата за: доминација на униформно определување вредности, или доминација на само две спротивставени книжевни струи. Сликата на книжевникот се оддалечува од онаа слика на писател кој наводно е „над“ политичките и општествените превирања или кој треба да го „покаже вистинскиот пат“, и се трансформира во слика на писател кој
реагира на своите околности – во некои случаи општествено-политичките околности, во други – личните односи во своето опкружување.
Што треба да направиме во иднина? Ни претстои уште многу, особено во областа на воспоставување политики на култура, обнова на културната инфраструктура, поддршка за независни проекти, поддршка на пласман на нашата литература во други национални и културни средини, културна едукација во училиштата.
Би било одлично во иднина – што би рекол Мисирков, за однапред – да си отвориме многу прилики за да дискутираме за конкретни чекори и детали. Да поттикнеме и направиме промени што ќе бидат убава придобивка која понатаму ќе ги проширува хоризонтите на македонската книжевност. Зашто, да го парафразирам Мисирков, ставајќи го истовремено во поинаков контекст, имало и има такви писатели „што покажаа способност“ за „градење“ и поместување на границите, и ќе има писатели што „со подеднаков [па и поголем] успех“ ќе ги поместуваат и во иднина.