Почитувани колеги, драги пријатели,
За мене претставува голема чест да бидам тука денес заедно со мојата пријателка и сопреведувачка Кристина Крамер, за да ја примиме оваа награда. Третата личност во нашата соработка, која го дели ова признание, е Јасмина Шопова. Таа ја иницираше целата работа, ни даваше насоки во процесот и ми ја довери задачата – мене, некој кој не знаеше ниту еден збор македонски – да помогнам гласот на нејзиниот татко да стане достапен на англиски јазик. Никогаш претходно во животот не сум се обидел со нешто слично – да преведувам толку комплексни песни од јазик што едвај почнував да го учам. Не треба да се каже дека без длабокото и сеопфатно познавање на македонскиот јазик и култура од страна на Кристина, немаше да се снајдам. Брзо научив да ја ценам и нејзината чувствителност и увид во самата поезија. Нашиот процес се темелеше на комплетна соработка, со постојани дискусии тргни-застани, и еден превод не го нарекувавме завршен сè додека сите ние, вклучувајќи ја и Јасмина, не се согласевме дека сме го нашле најдоброто можно решение.
Но, преведувањето секогаш е соработка: основната интеракција на преведувачот е со авторот, или подобро, со авторовиот глас и концептуален свет, со визијата што ја пренесува преку стихот. Не бев слушнал за Ацо Шопов пред Кристина да ми пише и да праша дали би сакал да го преведувам, така што немав поим во што се впуштам. Почнавме со наизглед едноставна песна, „Кога ти е најтешко“ – всушност, ја испратив на Кристина мојата прва верзија на овој превод токму пред пет години на денешен ден – и дури тогаш, од нејзината кристално чиста убавина, знаев дека имаме работа со извонреден мајстор.
Песната зборува за нуркање во „водите на синото“, но како што напредувавме, откривме дека водите на поезијата на Шопова често се темни и бурни, понекогаш течат длабоко под земја. Пред да се снајдаме, стигнавме до циклусот „Молитви на моето тело“, и морници на моето тело ми кажаа дека сум во присуство на еден од вистински големите поети на Европа, дека Ацо Шопов треба да биде претставен на светот. За литературниот преведувач, нема поголемо чувство на должност.
Конечно, научив делумно македонски, дел самостојно, со помош на одличниот учебник на Кристина, а дел на Летната школа токму овде, во Конгресниот центар, пред четири години, под неуморното водство на Весна Мојсова- Чепишевска и со мојата прекрасна наставничка Гордана Алексова. Колку повеќе учев за Македонија, толку повеќе сфаќав дека не му претставуваме на светот само еден поет, туку и една литература и култура која предолго била занемарена и, навистина, една нација чие постоење понекогаш било оспорувано. Во секоја прилика бев трогнуван од топлиот одговор што нашата книга го доби од Македонците, како овде, така и во странство, и сум благодарен што имав прилика да учествувам во овој важен потфат.
Се придружувам на Кристина во благодарноста до нашиот издавач, Deep Vellum, за создавањето на ваква прекрасна книга и, особено, за нивната посветеност да претставуваат врвни автори од помалку познати култури во англиското говорно подрачје, што е навистина ретко во американското издаваштво. Длабоко сум благодарен и на жирито за Наградата „Драги“ за признавање и потврдување на нашиот труд.
XII. македонско-северноамериканска конференција за македонистика, 11 септември, Конгресен центар на УКИМ – Охрид.