Лидија Танушевска, превод од полски јазик на делото од Олга Токарчук, „Емпусион“ ("Antolog", 2025)
Што за Вас претставува иницијативата за наградата „Драги“?
Од сè срце ја поздравувам иницијативата за наградата „Драги“ бидејќи Драги Михајловски беше, пред сè, прекрасен човек, човек „за луѓе“ – имаше трпение за секого и секому сакаше да помогне и да му даде добар совет, беше отворен за сите,па тој негов дух треба да провејува врз сите „допрени“ од наградата „Драги“. Сосема соодветно наградата е за превод, бидејќи тој беше еден од ретките преведувачикои направија пресврт во преведувачката дејност во Македонија со својата исклучителна креативност и иновативност. Освен тоа, наградата „Драги“ последниве години е и единствената преведувачка награда, што несомнено ѝ додава вредност.
Која е важноста на признанијата и наградите за вашата работа?
Наградите и признанијата се поттик дека тоа што го работиме е добро и треба да продолжиме. Не сме секогаш свесни за тоа, бидејќи преведувачката работа е осамена работа – најчесто сме сами со делото, со нашите мисли, со нашиот новосоздаден текст и немаме претстава што сме направиле бидејќи честопати ни читателите не обрнуваат внимание на тоа кој е преведувачот, па може да слушнеме само дека преводот е добар или лош. Нашата книжевна средина е мошне мала и понекогаш името и презимето на преведувачот може да влијаат на „извиканоста“ на преведеното дело само поради авторитетот на преведувачот, но не мора да значи дека преводот е навистина добар. Наградите што досега ги имам добиено беа големи изненадувања за мене, бидејќи не ги очекував и бев многу млад и неискусен преведувач. Но, нивниот „товар“ ме натера да бидам уште поодговорна за своите преводи и да се обидувам да бидам уште подобра.
Што би издвоиле како најголем предизвик кога се работи на книжевен превод?
Тешко е да се издвои еден предизвик кога се работи на книжевен превод. Секоја книга, секој автор, носи свои предизвици. Предизвик може да биде метафоричниот јазик на авторот, предизвик може да биде разговорниот јазик, предизвик може да биде дијалектот или сленгот употребен во делото. Конкретно, кај Олга Токарчук, во сите нејзини дела ми беше предизвик научниот, специјалистички регистарили стручниот јазик,кој е испреплетен со реализмот, фантастиката и универзалните вистини. Односно, се работи за она енциклопедиско знаењесо кое е набиен лесниот раскажувачки стил на авторката. Во „Емпусион“ тоа беше поврзано со геометријата. Како што знаеме, терминологијата е релативно нова дисциплина, чиј развој произлегува од распространетите меѓујазични контакти и глобализацијата. Преведувајќи ја прозата на Олга Токарчук честопати морав да ја преземам одговорноста за правилната употреба на термините. Предизвик не беше само барањето еквиваленти на специјалистичката лексика, туку и носењето одлука дека даден израз е признаен како научен термин и истражувањето на неговото функционирање во стручните текстови. Знаењето со кое притоа се здобивав ги пречекорува стандардните компетенции на просечен корисник на јазикот, како и оние кои се бараат од еден книжевен преведувач.
Како изгледа еден ваш ден кога работите на книжевен превод?
Поради обврските на редовната работа, преводот обично го оставам за летните месеци. Имам строга дисциплина кога работам превод, обично поради ограниченото време – работам осум часа дневно, со по некоја пауза за ручек, кафе и сл. Тоа е напорна работа, секој ден имам норма, на пример, 10 страници, и на крајот на денот сум многу исцрпена. Го запоставувам семејството, домашните обврски, социјалниот живот, а последниве години и на одмор одам со преводот. Искрено, си посакувам еден летен одмор без превод, но мислам дека тоа нема да се случи во блиска иднина.
Does the translation help in enriching the language and the expression?
Читањето помага во збогатувањето на јазикот и изразот, а преведувањето е едно подлабоко читање, при што се загребува под површината на зборовите и се доаѓа до многу повеќе информации и знаења од тие што ги содржи самото дело, или самиот превод. Многу често се случува да ги заборавам преводните решенија што сум ги имала во некој превод веднаш по неговото завршување, но самиот процес на преведување, барањето еквивалент, резервоарот на знаења што притоа се полни, начинот на процесуирање и пренесување на мислите од еден јазик во друг и конечната проверка на текстот пред лектурата и со лекторот, сигурно влијаеле на тоа како денес ги изразувам своите мисли.
Is translation more challenging when translating a famous or favorite author?
Сметам дека одговорноста е поголема кога се преведува познат или омилен автор. Доколку нашиот превод не предизвикува такви чувства и воодушевување како оригиналот, тоа значи дека не сме ја постигнале задачата. Мене поголем предизвик ми биле дела со кои, лично, не сум била поврзана и не ги сакам многу, а сум морала да ги преведам. Тогаш се среќавам со стил што не ми е близок, а треба да му се доближам, тогаш се среќавам со работи кои ми се чинат непреводливи, или премногу вкоренети во дадената реалност, а треба да ги доближам до македонскиот читател,и тоа е дополнителен напор и чукање на главата.
Книжевниот превод претставува заемно вкоренување на два идентитети во една приказна. Можете ли да ни кажете повеќе за вашиот удел во тоа?
Имам контакти со преведувачи на Олга Токарчук од целиот свет – сите се многу различни, а сите имаат нешто заедничко со неа. Еден од нив еднаш рече: „Можеби е подобро Олга Токарчук да не го познава својот преведувач“, во контекст на тоа дека не сме култ, кој размислува исто и може да ги претстави работите како што таа го прави тоа во своите дела. Преведувачот, сепак, има една резерва кон оригиналот што го преведува. Не смее до крај да си го присвои и да прави со него што сака. Но, треба да направи колку што може повеќе тоа дело да добие свој живот во една друга идентитетска средина. Затоа, преведувачот треба да остане вкоренет во својата култура, но, да ги пропушта зраците од туѓата култура низ решетото од својот јазик, да ги преработува на некој начин. Притоа, многу често се покажува дека тие два идентитети не се многу различни, дека многу работи во светот се универзални, дека глобализацијата не е наметната работа, туку нешто што му е својствено на човекот, дека човекот е човек каде и да се наоѓа.