Милан Дамјаноски, превод од англиски јазик на делото од О. Хенри, „Десет раскази“ (“Svetla komora”,, 2024)
Што за Вас претставува иницијативата за наградата „Драги“?
Иницијативата за наградата „Драги“ за мене претставувазначаен проблесок на нашата книжевна и преведувачка сцена од повеќе аспекти. Како прво, таа произлезе во еден тежок период, кога го изгубивме нашиот Драги Михајловски на кој македонската култура и книжевност му должи многу за неговиот творечки, преведувачки, но и педагошки потфат. Оттаму, Наградата која ја организираа Антолог и Филолошкиот факултет Блаже Конески е барем мал придонес кон оддавање почит и признание на овој наш доајен, а од друга страна и давање соодветно место и на преведувањето како професија и на книжевните преведувачи како автори. На крај, тука е и личниот момент како поранешен студент, но и колега со професорот Драги Михајловски кој остави длабок печат во мојот развој како англист и преведувач, но и на бројни генерации на нашата Катедра за англиски јазик и книжевност.
Која е важноста на признанијата и наградите за вашата работа?
Во однос на важноста на признанијата и наградите, на нив повеќе ги гледам како важен меѓник за нас како книжевни преведувачи, бидејќи не само што покажуваат дека сме на вистинскиот пат, туку и се патоказ на читателите кон откривањето на важни автори и дела кои се пренесени во македонската култура и кои ќе доведат до најважното признание за еден преведувач, неговиот превод да биде читан и ценет од страна на читателите.
Што би издвоиле како најголем предизвик кога се работи на книжевен превод?
За најголем предизвик, но и возбудапри преведувањето е тоа што се работи само за еден, тукуза серија на предизвици со кои се соочуваме со секое ново книжевно дело, без разлика дали е тоа проза или поезија. Прво тоа е предизвикот да се истражи референтниот свет на тоа дело, почнувајќи од книжевните и историските основи преку јазичниот стил на авторот или на делото, па се до наоѓањето на корелација со нашата книжевна и јазична традиција и реалност. Потоа, следи неговото преточување и „одомаќување“ во македонскиот јазик и култура, при што треба да сенајде рамнотежата меѓу суштинските квалитети и одлики на делото и авторот и нивното пренесување на еден стил и јазик кој е разбирлив и во кој ќе може да ужива читателот, што беше еден од предизвиците при преводот на расказите на О. Хенри. Конечно, тука е вечната „борба“ со лекторите за тоа што е дозволено а што не, но која секогаш придонесува да се постигне таа посакувана рамнотежа.
Како изгледа еден ваш ден кога работите на книжевен превод?
Еден ден на книжевен преведувач навидум секогаш изгледа слично, седнат пред компјутерот со книгата која се преведува до вас или на посебно прозорче на екранот, а околу вас сте опкружени со речници и други книги кои ви користат да најдете некоја референца или цитат. Тука е неизбежното кафе за да ве држи буден и избор на калорични грицки за енергија, бидејќи тој ден никогаш не е краток. Прво се почнува со читање на текстот кој ќе се преведува, а во зависност од предизвиците кои ги поставува, останатиот дел од денот може да помине продуктивно во правењето на првата верзија на преводот, но некогаш може да помине и во истражување на одредени теми и личности на интернет, во личната библиотека, како и наоѓањето на вистинскиот збор или фраза во речниците или со консултирање на други книги и автори кои се слични по стил и тематика. Тоа што е најважно да се запомни, дури и ако некогаш потрошите повеќе време на едно решение денеска, тоа ќе ви помогне побрзо и поефективно да работите другите денови.
Does the translation help in enriching the language and the expression?
Преводот за секоја култура, па дури и за најголемите, е еден од најважните извори и притоки на нови идеи, форми и јазични решенија и иновации. Тоа е особено важно за помалите јазици и култури како што е македонскиот, бидејќи преку преводот останува во тек со светските трендови, но во исто време е предизвикан да погледне длабоко во себе и да го искористи лексичкото и книжевното богатство за да ископа, но и да искова нови зборови и фрази со кои ќе го збогати јазикот и изразот. Задачата на книжевниот преведувач е да биде посредник во овој процес кој грижливо ќе го збогатува и иновира својот мајчин јазик.
Is translation more challenging when translating a famous or favorite author?
Не знам дали би рекол дека е поголем предизвик, тоа сепак зависи од комплексноста и специфичноста на делото, но секако претставува една поголема лична одговорност, но и одговорност пред читателската публика која е добро запознаена со одреден автор или желно го очекува преводот на новото дело. Кога се преведува омилен автор, вие се наоѓате во двојна улога на читател кој се нурнува во убавините и тајните на книгата, но и како преведувач морате да создадете одредена дистанца и да го најдете најдобриот начин како да ги пренесете разбирливо и читливо за другите читатели. Но, тоа е двојната природа на книжевниот преведувач кога работи на секој превод, само тука е емоционалниот и интелектуалниот влог некогаш поголем.
Книжевниот превод претставува заемно вкоренување на два идентитети во една приказна. Можете ли да ни кажете повеќе за вашиот удел во тоа?
Како што претходно напоменав, книжевниот преведувач е посредник помеѓу две култури, два јазика и две книжевности, но и на некој начин и „калемар“ кој треба успешно да ги спои и да помогне да разлисти една нова гранка која ќе даде плод. При тоа, треба да има добро познавање на двете средини, на таа каде е напишано оригиналното дело и средината во која ќе се чита преводот, при што треба да биде свесен и за жанрот и тематиката на делото, како и на која читателска публика е наменета. Тоа е појдовната точка од која треба да тргне неговото истражување и промислување, а ако е тоа направено темелно и совесно, тогаш и средбата меѓу тие два идентитета ќе биде плодотворна како за читателите, така и за двете книжевности и култури во прашање.